Општина Делчево започна со градежни работи за изградба на улицата „Видое Смилевски-Бато“ во населбата Расадник. Во моментов се извршуваат земјени работи, а пред изградбата на самата улица, ќе се реализира и фекална канализација.
Проектот предвидува изградба на потпорен ѕид како посебна заштита поради конфигурацијата на теренот, со што ќе се овозможи сигурност и стабилност на новата сообраќајница.

Градоначалникот Иван Гоцевски истакна: „Со реализацијата на овој инфраструктурен проект, конечно, Општината конкретно одговара на потребите на жителите кои скоро половина век живеат без основната инфраструктура.“
Улицата се наоѓа во највисокиот дел од населбата Расадник, на тешко пристапен терен. Сепак, локалната власт се посветува на обезбедување соодветна инфраструктура за сите жители. „Реализацијата на овој проект ќе значи подобрување на квалитетот на животот на граѓаните, современа сообраќајница и поголема безбедност во сообраќајот, а од друга страна, овој дел од населбата ќе добие современ урбан лик и нема повеќе да има калливи или прашливи улици,“ додаде Гоцевски.
Вредноста на работите за изградба на улицата „Видое Смилевски-Бато“ е 6,5 милиони денари, обезбедени од Владата на РМ преку Министерството за транспорт и врски, а работите ги изведува делчевската фирма СД-ТРАНС од с. Ѕвегор. Завршетокот на проектот е предвиден за 01.09.2026 година.
