Општина Берово, во партнерство со Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), објави Јавен повик за поднесување предлог-проекти во рамки на Регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан 3 (ReLOaD3), која е финансирана од Европската Унија.
Целта на програмата е зајакнување на соработката меѓу општината и граѓанските организации, преку транспарентна распределба на средства и поголемо учество на граѓаните во процесите на креирање јавни политики на локално ниво. Право на учество имаат граѓански организации кои ќе аплицираат со проекти во следните приоритетни области: локален економски развој и туризам, култура и културно наследство, социјална заштита и човекови права, животна средина, енергетска ефикасност и климатски промени, како и млади и спорт.
-Во периодот на траење на јавниот повик ќе бидат организирани инфо сесија, дводневна обука и менторска поддршка за сите заинтересирани граѓански организации. Инфо сесијата и првиот ден од обуката ќе се одржат на 9 февруари 2026 година во Хотел „Манастир“ во Берово, со почеток во 11 часот, додека вториот ден од обуката е закажан за 10 февруари 2026 година, со почеток во 9:30 часот, информираа од Општина Берово.
Првата менторска средба како што додадоа ќе се одржи на 16 февруари 2026 година, а термините за останатите менторски средби ќе бидат дополнително објавени на веб-страницата на Општина Берово.
-Прашања поврзани со јавниот повик може да се достават електронски на е-мејл адресата registry.mk@undp.org, со назнака за ReLOaD3 програмата, најдоцна до 25 февруари 2026 година. Одговорите ќе бидат доставени по електронски пат во рок од три дена од приемот на барањето, додадоа од Општината.
Резултатите од Јавниот повик ќе бидат објавени на веб-страниците на Општина Берово и УНДП, како и на огласната табла во општината, во рок од 45 работни дена по неговото затворање. Само организациите чии апликации ќе бидат избрани за финансирање ќе бидат известени по писмен пат.
Рокот за поднесување апликации е до 5 март 2026 година. вс/вј/
Фото: Општина Берово
