Јубилејното 60. издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ – Прилеп оваа година ќе се одржи од 5 до 12 јуни во Прилеп.
Ова беше одлучено на Собранието на фестивалот, што се одржа минатата недела. Во тек се подготовките на фестивалот и тимот активно работи фестивалот да има достоен јубилеј, креативна програма и да се комплетира идејата за Прилеп како град театар, вели Ана Стојаноска, уметнички директор на фестивалот.
-Авторот во фокус – Дејан Дуковски ќе биде наш гостин и заеднички ќе придонесеме за поголема афирмација на македонската драма. Освен постојаните активности на фестивалот, снимаме документарен филм кој треба да ја отслика историјата на фестивалот, но и да ни помогне во понатамошното креирање на современиот македонски театар. За мене, овој јубилеј е можност да се направи своевидна ретроспектива на претходниците, исклучителните театарски уметници кои го создале фестивалов и го одржувале со години, како и да се создаде мост кон иднината, која треба да ја донесат нашите наследници – рече Стојаноска и додаде дека фокусот на фестивалот е да ја презентира современата театарска продукција во насока на создавање нова естетика.
Мотото на јубилејното издание е „Храбриот нов театар“, според насловот на денес култниот роман на Хаксли – „Храбриот нов свет“ (1932) е инспириран од репликата на Миранда во Шекспировата „Бура“: „О, чудо! Колку прекрасни суштества! / Ах, колку прекрасни биле луѓето! / И колку си среќен со нив, во Новиот Свет!“
Во образложението за програмата на Стојаноска, меѓу другото стои:
Играта со зборови во која театарот е светот, поточно светот е театар, е само природен резултат на она што нашиот фестивал го гради со години. Кога се слави голем јубилеј како што се шеесет години на најстариот и најзначаен театарски фестивал во Македонија, треба да се биде храбар и да се бара нешто ново, нешто што е потреба по еден, ајде да го наречеме, период на барање на својата естетика. Слично како во светот на Хаксли, нашиот театар е диктиран од одредена политичка констелација. Театарот сам по себе треба да е став, гласен, надвор од секоја кутија, од секоја комфор-зона. Затоа и мотото е тоа: Храбриот нов театар! Или Надвор од кутијата! Или ако одиме уште поактивно – Театар без молк – свет без рамнодушност! Како сериозен театарски фестивал, не смееме да дозволиме општата рамнодушност да му го заземе местото на театарот без желба да менува или да провоцира. Логично е по претходните фестивалски изданија, водени од мотивите „Враќање дома“, „Промени се, промени сè“ и „Смеј се и осмели се“, да ја бараме главната нишка на театарската и уметничка дејност преку храброста врз основа на антиутопистичката идеја.
Фокусот на јубилејното издание е еден своевиден мост меѓу почитта кон минатото и отворањето на можностите на иднината. Мост меѓу традицијата што ја наследуваме и иднината што ја креираме. Шеесетгодишниот јубилеј е точката во која се спојуваат минатото и иднината, традиционалната театарска приказна и новата виртуелна реалност, со надеж дека кога ќе излеземе од комфор-зоната, ќе можеме да се охрабриме да го креираме нашиот нов свет/театар. Храбриот нов театар е нашиот крик против поларизацијата, против рамнодушноста и против некреативноста!
За време на фестивалот ќе се одржат промоции, дискусии, тркалезни маси после секоја претстава, а исто така, ќе се реализира програмата „Драмолетање“ 2.0. Посебен ден ќе биде издвоен за творештвото на Авторот во фокус. За дизајнот на плакатот се погрижи Ема Велкова.
