Во кино салата во Делчево вчера беше прикажан Македонскиот документарен филм „Приказната за Силјан“, во режија и продукција на Тамара Котевска. Проекцијата привлече бројна публика, љубители на документарниот филм и почитувачи на македонската кинематографија.
Документарецот ја раскажува емотивната приказна за Никола, земјоделец кој, соочен со економски предизвици и семејна разделба, пронаоѓа нова смисла во грижата за повреден бел штрк кого го нарекува Силјан. Нивната неочекувана поврзаност прераснува во длабока и трогателна врска, која симболично ја отсликува борбата, надежта и издржливоста на човекот.
Филмот својата светска премиера ја имаше на 82. Меѓународен кинофестивал во Венеција на 29 август 2025 година, а беше прикажан и на фестивалот во Торонто. Станува збор за продукција зад која стојат National Geographic Documentary Films, Concordia Studio и други меѓународни партнери, додека дистрибуцијата ја води Walt Disney Studios Motion Pictures.
Со времетраење од 80 минути, „Приказната за Силјан“ нуди интимен и визуелно впечатлив приказ на животот во рурална Македонија, дополнет со музика од Џо Вилсон Дејвис и Хун Оук Парк.
Вечерашната проекција во Делчево беше уште една можност локалната публика да се запознае со остварување кое веќе бележи меѓународен успех и е предложено како македонски кандидат за наградата „Оскар“ за најдобар меѓународен долгометражен филм.
Филмот продолжува со својата кино-дистрибуција низ земјата.
