Премиерот Христијан Мицкоски денеска учествувал на тркалезната маса „Отворена врата или отворен крај? – Исполнување на ветувањата за проширување на ЕУ“ во рамки на Минхенската безбедносна конференција, каде, како што вели, јасно ги претставил „нашите позиции во однос на процесот на проширувањето на ЕУ. Тој не наведува повеќе детали на што точно мисли кога вели „нашите позиции“.
„Пораката е едноставна: на Македонија и на регионот не им треба процес без крај, туку заслужена и предвидлива европска иднина. Време е реформите и трудот на нашите граѓани да бидат соодветно вреднувани“, напиша Мицкоски на социјалните мрежи по учеството на настанот.
Според објавените фотографии, на настанот учествувала и еврокомесарката за проширување Марта Кос, како и претставници на повеќе земји од Западен Балкан и од Европа кои претендираат за членство во Унијата
Процесот на евроинтеграција на Македонија трае повеќе од две децении. Земјата доби статус на кандидат за членство во ЕУ во 2005 година, а пристапните преговори формално ги започна во 2022 година, по усвојувањето на т.н. француски предлог и отворањето на првата меѓувладина конференција.
Напредокот во преговорите е условен со спроведување на реформите во владеењето на правото, борбата против корупцијата, јавната администрација и уставни измени поврзани со вклучување на бугарската заедница во Уставот, што претставува едно од клучните прашања во актуелниот политички дискурс.
Европската Унија во повеќе наврати нагласува дека проширувањето останува стратешки приоритет, особено во контекст на засилените геополитички тензии и војната во Украина, но истовремено потенцира дека напредокот ќе се мери според исполнувањето на конкретните критериуми и реформи.
