Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 52-годишен скопјанец која е осомничен дека извршил семејно насилство во домот каде физички ја нападнал својата 32-годишна вонбрачна партнерка која била во вториот месец од бременоста. Во расправија, тој започнал жената да ја удира со тупаници и шлаканици, нанесувајќи и телесни повреди – гребаници, отоци и хематоми на главата и телото.
„Оштетената почнала силно да вика и да бара помош со намера да слушнат соседите и да повикаат полиција, но колку посилно викала толку осомничениот станувал поагресивен и посилно ја удирал, а во еден момент со намера да ја замолчи ја притиснал со раце на вратот. Жртвата, за да се спаси и да излезе од домот, го убедила осомничениот да одат на гинеколог за да направат преглед и да го видат бебето“, информираат од Обвинителството.
Кога со автомобилот тргнале кон матичниот гинеколог и осомничениот застанал на семафорите на булеварот ,,Св. Климент Охридски”, оштетената успеала да избега од возилото и влегла во кафуле за да побара помош. Од човек кој седел во кафулето позајмила мобилен телефон и веднаш пријавила во полиција.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог осомничениот да се јавува повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган, привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница, како и забрана за приближување или воспоставување, односно одржување контакти или врски со оштетената.
