Три лица и една фирма ќе одговараат за пожарот во отпадот за старо железо што се случи во јули минатата година во скопско Визбегово. Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинение против три физички и едно правно лице за кривично дело загрозување на животната средина и природа со отпад. Две сопственички и еден вработен во фирмата во периодот од февруари до јули лани незаконски оставале, собирале и управувале со опасен отпад што содржи супстанции кои имаат својство на експлозивност, запаливост, надразливост, токсичност, канцерогеност и екотоксичност на парцела во Визбегово, на која за тоа немале соодветна дозвола од Министерството за животна средина и просторно планирање.
На 9 јули отпадот се запали, а заради плинските боци во старите автомобили се слушаа и експлозии. Пожарот поради обемот и опасноста не можел веднаш да се стави под контрола, заради што изгорел дел од отпадот. Тоа предизвика масовно испуштање црн чад и значително загадување на воздухот, потврдено со мерењата на Единицата за атомска, биолошка и хемиска одбрана при АРМ. Крајната последица од незаконитите дејствија на обвинетите е и предизвиканата потенцијална опасност за животот и здравјето на луѓето.
„Со истрагата е утврдена одговорност кај една сопственичка и управителка на обвинетото правно лице, која заеднички и со умисла заедно со второобвинетиот кој учествувал со особен придонес во работата на правното лице ги преземале незаконитите дејствија. Обвинение е поднесено и против уште една сопственичка на друштвото и на парцелата која не била свесна за можноста од настапување на штетна последица, иако според околностите на случајот и своето лично својство, била должна и можела да биде свесна за таа можност“, стои во информацијата од Јавното обвинителство.
