Во текот на седмата недела од годинава, во Македонија се пријавени 1.150 случаи на грип и заболувања слични на грип, што во споредба со минатата недела (1.306 заболени), значи намалување од 11,9 проценти, информираат во Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) во последниот извештај.
Бројот на пријавени случаи оваа недела е значително понизок во однос на истиот период минатата сезона, кога биле евидентирани 2.726 случаи, што е пад од 57,8 отсто.
Анализата по возрасни групи покажува дека најголем број заболени, 621 лице, се на возраст од 15 до 64 години. Потоа следуваат 229 деца на возраст од 5 до 14 години, 157 деца од 0 до 4 години и 143 лица постари од 65 години.
Од почетокот на сезоната 2025/2026, вкупниот број на регистрирани случаи на грип и заболувања слични на грип достигна 13.871.
Најголем дел од случаите се регистрирани во јануари – 9.135 случаи, во февруари биле пријавени 2.456 случаи, во декември имало 1.324 случаи, а значително помал број случаи се регистрирани во ноември – 438 и во октомври 338 случаи.
Податоците укажуваат дека сезоната го достигнала својот врв во јануари, по што следува постепено намалување на бројот на заболени. Здравствените власти и понатаму апелираат на почитување на превентивните мерки, посебно кај најмладите и повозрасните граѓани, кои се најризични категории.
