За евроинтеграцијата на државата од суштинско значење, посебно во контекст на новата геополитичка реалност, е сите политички актери да даваат опипливи резултати во клучните области, а во исто време ЕУ и нејзините држави членки мора ги исполнат своите обврски, целосно да ја поддржат Северна Македонија, вклучително и преку активен дипломатски ангажман, за да ѝ помогнат да напредува во исполнувањето на сопствените обврски, истакна известувачот на Европскиот парламент за Македонија, европратеникот Томас Вајц, во годишниот нацрт-извештај за напредокот на државата. Тој идната недела на 26 февруари ќе го презентира извештајот пред Комитетот за надворешни работи на ЕП.
Документот според Вајц, има цел да обезбеди балансирана и објективна оценка за напредокот на земјата во процесот на пристапување.
„Земјата се наоѓа во тешка позиција бидејќи процесот на пристапување е сопрен. И покрај некои позитивни реформи, напредокот на реформската агенда на ЕУ, особено во клучни области, како владеењето на правото, реформите во правосудството и борбата против корупцијата, е недоволен. Ова се должи на ограничените капацитети во јавната администрација и недостигот на долгорочна политичка посветеност. Не е постигнат напредок во однос на уставните измени поради загриженост за потенцијални дополнителни билатерални блокади или барања од Бугарија“, вели Вајц.
Според него, од суштинско значење е Европа да остане обединета, па затоа од суштинско значење е сите политички актери во Северна Македонија, особено Владата и пратениците од владејачкото мнозинство, да ја препознаат оваа нова итност и да почнат да даваат опипливи, убедливи и искрени резултати без одложување.
