Четири градилишта на територија на Општина Центар се санкционирани поради незаконско зафаќање јавни површини со градежен шут и материјал што го загрозувал движењето на пешаците и сообраќајот, соопштија од локалната самоуправа.
Општинските инспектори, во рамки на редовните контроли, изготвиле записници и издале прекршочни налози за градилишта на улиците „Златко Шнајдер“, „9 Мај“, „Дебарца“ и „Васил Стефановски“. За утврдените прекршоци изречени се парични казни во износ од 1.300 до 1.800 евра.
Градоначалникот Горан Герасимовски изјави дека општината редовно ја следи состојбата на активните градилишта и најави продолжување на засилените инспекциски надзори.
