Претседателката Гордана Сиљановска – Давкова изјави дека владиниот авион на земјава е најмал и најстар во регионот па нејзините колеги од регионот го нарекуваат „авиончето на браќата Рајт“.
„Што можам да кажам? Ајде, да ве насмеам. Владиното авионче моите колеги претседатели во регионот го нарекуваат авиончето на браќата Рајт, бидејќи е најмало и најстаро,“ изјави претседателката.
Според нејзе а и според колегите, порационално и поевтино е да се има поголем авион.
„Моите колеги претседатели во регионот велат дека е порационално да се има поголемо авионче, бидејќи тогаш со еден лет може да патуваат повеќе лица и да се вратат кога ќе одлучат“, рече Сиљановска – Давкова.
Претседателката додаде дека сегашниот авион понекогаш овозможува поевтино извршување на службените обврски од комерцијалните летови, но кажа и дека ограничениот простор и староста претставуваат сериозен хендикеп, особено поради неможноста со делегацијата да патуваат и новинари.
