Во холот на ООУ „Ванчо Китанов“ вечерва се одржа кулинарско-поетско-музичка вечер во организација на Библиотека „Кочо Рацин“ и ОЖП, настан што обедини вкусови, стихови и музика во топло и инспиративно дружење.
На настанот кој го водеше директорката на библиотеката, поетесата Габриела Костадинова учествуваа над 30 домаќинки – вешти и креативни жени од Пехчево, Берово и Делчево, кои се претставија со свои традиционални и современи специјалитети, претворајќи ја вечерта во вистинска гастрономска изложба. Со свои кулинарски изработки се претставија и учениците од Локалниот младински совет.
Културната програма ѝ даде посебна вредност на манифестацијата. Поетскиот дел им припадна на првонаградените ученици од новогодишниот конкурс – Бојана Јовевска, Мила Пајантовска, Михаил Цековски и Филип Митровски. Средношколецот Глигор Поповски ја прочита својата емотивна песна посветена на Негрево.
Музичката атмосфера ја збогатија Жаклина Узунова и Бојана Ѓузелова, како и професорот по музичко Драган Колевски во придружба на Андреј Каракашевски.
Гости на вечерта беа и брачниот пар Стоименови – Ленче Стоименова, позната афористичарка, поетеса и писателка, и Борис Стоименов, кој ја воодушеви публиката со интерпретација на стари македонски песни.
Настанот заврши во пријатна и дружељубива атмосфера со дегустација на подготвените специјалитети, уште еднаш потврдувајќи ја силата на заедништвото, културата и традицијата.



