Стратешкото партнерство помеѓу Македонија и САД, со посебен акцент на политичките и економски врски беше тема на разговорите на заменик претседателот на Владата, Александар Николоски на работните средби во Стејт Департментот.
На средбата со Даниел Лоутон, заменик помошник државен секретар задолжен за Европа, беше потенцирано силното партнерство меѓу двете земји засновано на меѓусебна поддршка и заедничка посветеност кон демократските вредности и создавање на подобри перспективи за економска и трговска соработка.
„САД се стратешки партнер број еден на Македонија, држава која што најмногу ја подржува Македонија и зборувавме за заедничката економска и политичка соработка. Помеѓу другото се сретнав и со заменик помошникот Државен секретар задолжен за Европа, Даниел Лоутон. На средбата разговаравме за продлабочување на политичките и економски врски меѓу двете држави како и за стратешкото партнерство кое што го делиме, разговараме за соработката во НАТО во овие предизвикувачки времиња, како и заедничките операции што ги водиме“, изјави Николоски.
Посочи дека со Лоутон разговарале и за економска соработка во делот на енергетската транзиција и изградба на коридорите. Тема на разговорот биле и европските коридори 8 и 10 кои што поминуваат низ Македонија и кои што се витално значајни за економијата и безбедноста на нашата држава.
Николоски вели дека очекува повторно да се активира Стратешкиот дијалог, а со трговскиот договор треба да се овозможи многу повеќе бизнис и трговија помеѓу двете држави како и просперитет, напредок, безбедност и прозападни вредности на Македонија.
Работната посета на Вашингтон, вицепремиерот Николоски денеска ја продолжува со обраќање на глобалниот настан “Transforming Transportation 2026”.
