„Оваа трагедија е и момент за размислување за сите нас и дека сеќавањето на изгубените животи треба да служи како повик за поголема одговорност, правда и совест во секоја институција и при секое донесување одлуки. Благодарни сме на сите оние кои во најтешките денови покажаа хуманост и солидарност: лекарите, медицинските сестри, пожарникарите, полицијата, волонтерите, Црвениот крст и граѓаните кои се мобилизираа за да помогнат“, рече Гаши и им се заблагодари и на пријателските држави кои ги отворија вратите и понудија помош за нашите повредени.
Тој нагласи дека нема зборови или гестови кои би можле да ја ублажат болката, како и дека болката на семејствата на жртвите е и болка на сите нас. Им се обрати и на институциите од кои побара да се утврди одговорноста на сите кои дозволија да се загубат толку млади животи.
„Ова е уште една голема рана за нас родителите. После една година, комеморација и со две страници читање на напишан текст е големо разочарување. Очекувавме за секое дете да има барем по две минути, со текст за секој посебно, но за жал, ниту едно дете не беше спомнато со име и презиме“, рече Наунова.
Семејствата замерија и што комеморацијата се одржува речиси цела година по трагичниот настан, а не порано.
Одбележувањето на годишнината од пожарот во дискотеката Пулс во Кочани ќе продолжи и во следните денови. Во сабота, на 14 март во Кочани ќе се одржи со богослужба во храмот „Свети Георгиј“, а на Градските гробишта ќе биде одржано опело за жртвите. Во недела ќе се одржат рекреативна трка и велосипедска тура на релација Штип-Кочани, а меморијален планинарски марш „Ивона Антова и 63 ангели“ на Пониква и кошаркарски турнир помеѓу повредените во трагедијата. Ќе биде прикажан музичко-балетски перформанс „Кочани ви благодари“, концерт на Марко Виденовиќ и триото „Мевлем“и ќе се промовира книгата „Ќе те има“ од Марина Стојчевска.
На годишнината на трагедијата, 16 март, семејствата и жители на Кочани утрото во 2:15 часот ќе се соберат пред дискотеката „Пулс“, каде ќе се одржи настанот „Светлина што останува“,
Ќе биде организирана трка Свети Николе-Штип-Облешево-Кочани, а во Паркот на револуцијата во Кочани ќе биде поставена симболичната инсталација „63 бели столчиња – 63 животи“, со муралот „Ѕид на сеќавање“, посветен на жртвите. Ќе се одржи и комеморација „Ден на сеќавање – 16 март 2025“ и ќе биде отворен меморијалот „Недовршени соништа – секое име е нечиј свет“.
Годишнината ќе се одбележи и со меѓународната конференција „Институционални и клинички аспекти и решенија по пожарот во Кочани – една година потоа“, во организација на Владата. На конференцијата ќе присуствуваат 37 лекари и медицински експерти од странство, кои во деновите по трагедијата директно учествуваа во лекувањето на пациенти.

