Close Menu
Malesh
    Актуелно

    Никола Јокиќ „урлаше“ на клупата (ВИДЕО)

    Во најава Конзуларен ден за македонските граѓани во Пиемонте – можност за вадење документи без патување до Венеција

    Правата на работниците се само параван: СДСМ, Левица и ССМ одржаа заеднички протест со партиски обележја

    Facebook X (Twitter) Instagram
    Facebook X (Twitter) Instagram
    Malesh
    • ВЕСТИ
      • Македонија
      • Економија
      • Култура
      • Спорт
      • Политика
    • Историја
    • Магазин
    • Туризам
    • Малеш ТВ
    • Регион
    • Свет
    ЧЛЕНСТВО
    Malesh
    Home»Култура»„Чудна случка во гратчето Капи и Штици“ на Ванчо Полазаревски – добитник на наградата „Оливера Николова“ за 2026 година
    Култура

    „Чудна случка во гратчето Капи и Штици“ на Ванчо Полазаревски – добитник на наградата „Оливера Николова“ за 2026 година

    11/03/20265 Mins Read
    Сподели Facebook Twitter Telegram LinkedIn WhatsApp
    Заследи
    Facebook X (Twitter) Instagram

    На 11 март, на денот кога се одбележуваат 90 години од раѓањето на големата македонска писателка Оливера Николова, издавачката куќа „Арс Ламина“ го прогласи победникот на наградата за најдобар необјавен роман за деца и млади „Оливера Николова“ за 2026 година.

    На прес-конференцијата, беше соопштено дека ракописот „Чудна случка во гратчето Капи и Штици“ на Ванчо Полазаревски е втор победник на конкурсот за наградата „Оливера Николова“. Победникот е избран со едногласна одлука на жири-комисијата составена од Оливера Ќорвезироска (уредничка и писателка), Ермис Лафазановски (првиот добитник на наградата во 2025 година) и Јованка Денкова (професорка по книжевност за деца на Филолошкиот факултет на УГД во Штип).

    На вториот конкурс за наградата, востановена од издавачката куќа „Арс Ламина“ со поддршка од семејството на Николова, што траеше од 11 септември 2025 до 11 јануари 2026, пристигнаа 46 ракописи. Жири-комисијата констатираше видно задоволство и од квантитетот и од квалитетот на пристигнатите ракописи.

    Во одлуката на жирито се вели:
    „Романот ’Чудна случка во гратчето Капи и Штици‘ е кус, атрактивен, забавен, смешен, духовит и суптилно ангажиран еколошки ракопис. Екологијата е широкото раскажувачко платно на кое се слика со вешти зборовни игри, вратоломни досетки и несекојдневни наративни постапки. Иако е напишан сезнајно, во трето лице, романот на Полазаревски на особено забавен начин внесува дополнителен, непознат глас кој може да биде и лик, но и резервен наратор (ненаклонет кон сезнајниот раскажувач!), сето време директно обраќајќи им се на децата-читатели и вклучувајќи ги во дејството. Непознатиот глас со сомнежот во сè и со постојаната расположеност за кавга ја одржува динамиката, но и високата температура на текстот. Тој е лик/наратор – вистинско освежување во романот, па и во жанрот, кој за себе вели: Јас сум гласот на реалното, оној што на сите кои ќе зајдат во измислување приказни им вели да се приберат, да тераат со усул, полека, да не запнуваат, зашто секоја приказна не е петарпанија или црвенкапија. Суштества со сто очи, со милион рогови… тикви со расол, бурек со топуски… ајде, ти се молам! Всушност, овој лик/наратор вели дека е сè што творештвото на самиот Ванчо Полазаревски не е.

    Полазаревски, искусен и докажан автор за деца во домашната книжевност со своите песни, гатанки, брзозборки, сликовници, раскази и пиеси, првпат се остварува во романескен жанр. Неговиот прв роман покажува нагласен интерес кон култот на засведочување на раскажаното со алузии на актуелни состојби (несобирањето на сметот во главниот град зимава) и проверливи реалии (преполни контејнери насекаде). Интересот за засведочување и проверливост е дополнително збогатен со зборовни игри, метатези, спунеризми и малапропизми: гратчето Капи и Штици еуфониски потсетува на населбата Капиштец во Скопје, а најголемата депонија за ѓубре Магдоносонија – на Македонија… Изместувањето на реалната оптика на урбаното момче Оли со зачудни елементи, фантастични ликови и невозможни планети, светови и случки, ни го потврдува Полазаревски таков каков што го знаеме, но и ни открива една нова димензија на неговото препознатливо книжевно писмо.
    Годинашниот добитник на наградата ’Оливера Николова‘ – ’Чудна случка во гратчето Капи и Штици‘ од Ванчо Полазаревски ја актуелизира важноста на екологијата и сфаќањето на околината и природата како наш единствен, вистински и заеднички дом. Тоа го прави на еден даровит, невообичаен, редок, мошне забавен, читлив и ведар начин, каде што веселоста ù претходи на сериозната порака, без да ја спречува таа да втаса до читателите веднаш откако ќе стивне смеата и ќе се затвори последната страница на романот. “

    Победникот Ванчо Полазаревски изјави:
    „Пред некое време ѝ реков на мојата докторка: има еден награден конкурс, ќе пишувам романче. Зошто да не, вели таа, седни пишувај, тоа не е лошо, ама награди? Чуму ти се, тие се за млади, за тебе се награди за некои јубилеи, за животно дело,.. евентуално Златен венец… хм, Нобелова награда. Не ја послушав мојата докторка, можеби затоа што таа е и моја сопруга, по име Мирјана и згора на тоа е психијатар… за деца. А јас пишувам за деца. И така седнав да го пишувам романчето, сериозно, темелно, ко да е: да се биде или не. Така ми дојде. Го напишав, го испратив сè како што треба и… ко за беља… ја добив наградата. Е сега, што е за право, тоа не беше беља туку многу радост, среќа, гордост… Накусо, ù се израдував како дете. Па и не е мала работа да добиеш награда што го носи името на нашата голема уметница, писателката Оливера Николова. Е тука сакам да му заблагодарам на жирито што во мојата книга најде материјал за награда, награда која ми е многу драга. А јас сум сигурен дека идната година на овој конкурс ќе се јават уште повеќе пишувачи на нови романи за деца, со уште повисок квалитет, затоа што идејата на „Арс Ламина“ да му даде силен поттик на ова творештво за деца е навистина чекор за поздравување.“

    Ванчо Полазаревски (1951) e истакнат македонски хуморист, сатиричар и писател за деца. Има работено како новинар и уредник. Автор е на следниве книги: „Па што?“ (хуморески за возрасни); „Скриб-тиз“ (афоризми); „Сештологија“ и „Крадец на интернет“ (пиеси за деца); „Гатанки 1“ и „Гатанки 2“ (гатанки); „Бушавиште“, „Смеалиште“, „Лилав пилав“, „Лифт“, „Азбукварка“, „Баба Рога вежба јога“ и „Шарено марено“ (поезија за деца); „Фока во фиока“ (брзозборки); „Џемпер-дрво“, „Шашардарија“, „Распашани приказни“, „Прастари сказни за херои, чуда, чудесии и чудовишта разни“ и „Ноќ и ден“ (раскази за деца); „Нервозни приказни“ (проза за возрасни); „Солзи и бисери“ (театарска претстава). Тој е автор и на неколку сликовници: „Големи и мали“, „Броенка“, „Први зборови“…

    Previous ArticleНиколоски на средби во Стејт Департментот, Македонија и САД ќе соработуваат за енергетска транзиција и изградба на коридорите
    Next Article Русија ја обвини Велика Британија дека биле вклучени во ракетниот напад од Украина врз земјата

    Поврзани вести

    „Танц фест“ во Битола

    13/03/2026

    В недела се доделуваат Оскарите, МТВ со директен пренос од Холивуд

    13/03/2026

    Современа австриска уметност во Чифте амам: Отворена изложбата „Флора – Фауна – Покриви“

    13/03/2026
    Advertisement
    АКТУЕЛНО

    Никола Јокиќ „урлаше“ на клупата (ВИДЕО)

    Во најава Конзуларен ден за македонските граѓани во Пиемонте – можност за вадење документи без патување до Венеција

    Правата на работниците се само параван: СДСМ, Левица и ССМ одржаа заеднички протест со партиски обележја

    Иран ја затвора најважната нафтена рута само за своите непријатели: Новата порака од Техеран крена тревога

    НАЈЧИТАНИ

    Локалниот младински совет од општина Пехчево заедно со претставници од МВР ОВР Берово и РСБСП на сите возачи од понежниот пол – учеснички во сообраќајот им подарија каранфил

    08/03/2026

    Градоначалникот Александар Китански заедно со припадниците на исламската вероисповед на ифтарска вечера во село Црник

    13/03/2026

    Конститутивна седница на новиот локален Совет за превенција во Општина Берово

    13/03/2026
    Facebook X (Twitter) Pinterest Vimeo WhatsApp TikTok Instagram

    Вести

    • World
    • US Politics
    • EU Politics
    • Business
    • Opinions
    • Connections
    • Science

    МАЛЕШ МК

    • Information
    • Advertising
    • Classified Ads
    • Contact Info
    • Do Not Sell Data
    • GDPR Policy
    • Media Kits

    ПОДДРШКА

    • Subscriptions
    • Customer Support
    • Bulk Packages
    • Newsletters
    • Sponsored News
    • Work With Us

    Најнови информации

    Добивајте ги најновите креативни вести од Малеш.

    © 2026 MaleshMK. Designed by MKNet.
    • Политика на приватност
    • Услови
    • Пристапност

    Type above and press Enter to search. Press Esc to cancel.