Автомобилистичката федерација на С.Македонија, членка на Светската автомобилистичка федерација (FIA) најави одржување на седмото традиционално женско рели кое и годинава ќе ги обедини жените љубителки на мотоспортот, адреналинот и тимскиот дух.
Настанот ќе се случи утре со почеток во 10:30ч, на големиот паркинг на СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје.
„За учество во релито веќе има пријавено над 100 учеснички, а конениот број се очекува да биде и поголем, имајќи предвид дека пријавувањето трае до недела. Екипите составени од возач и совозач ќе поминат градска рута, а потоа ќе ја покажат својата вештина и умешност зад воланот во втората етапа – спретно возење на затворен паркинг во безбедни услови, меѓу конуси. Женско рели има за цел да ја промовира улогата на жените во мотоспортот, тимската работа и позитивната енергија, како и да ја подигне свеста за безбедност во сообраќајот“, велат организаторите.
