Во Кочани денес ќе биде откриена биста во чест на Иле Гоцевски, возач на Итната медицинска помош во Кочани кој почина откако повеќе од 10 пати носеше повредени од дискотеката Пулс во Скопје. Претходно Општина Делчево започна со уредување парк во чест на својот сограѓанин Илчо Гоцевски, возач во Итната медицинска помош во Кочани, кој го загуби животот по исцрпувачката и хумана мисија за спасување на повредените од трагедијата во дискотеката „Пулс“.
Гоцевски утрото на 16 март бил на првата линија во спасувачката акција, при што 11 пати возел кон Клиничкиот центар во Скопје, помагајќи и во пронаоѓање и идентификација на повредените. По повеќе од 40 часа напорна и трауматична работа, тој почина на 17 март во својот дом.
Во негова чест, на влезот на Итната медицинска помош во Делчево ќе биде поставена спомен-плоча, додека во дворот на Здравствениот дом веќе започнуваат активности за уредување парк кој ќе го носи неговото име.
Од Општината информираат дека паркот ќе биде уреден како простор за сеќавање и почит, со засадување садници и цвеќиња, поставување урбана опрема и содржини кои ќе сведочат за неговата пожртвуваност и хуманост.
– Паркот е симбол на благодарност и почит кон неговата хуманост. Со неговото уредување, Делчево испраќа порака дека вистинските херои се луѓето кои со својата добрина и професионалност оставаат траен белег во општеството – изјави градоначалникот Иван Гоцевски.
Во акцијата за уредување на паркот се вклучија и ученици од основните училишта, кои со свои пораки оддадоа почит на жртвите од трагедијата во која животот го загубија 63 млади луѓе, испраќајќи силна порака за солидарност, хуманост и заедништво.
