На 3 април 2026 година, со почеток во 20.00 часот, на сцената на Националната опера и балет ќе биде изведена операта „Севилскиот бербер“ од Џоакино Росини – едно од најпознатите и најомилените дела од оперскиот репертоар, кое со својата духовитост, динамика и препознатливи музички моменти со децении ја воодушевува публиката.
Изведбата е под диригентската палка на Бисера Чадловска, режијата е на Урсула Хорнер (Австрија), сценографијата на Марија Ветероска, а костимографијата на Марија Пупучевска. Концерт-мајстор е Јане Бакевски, а хор-мајстор Ѓурѓица Дашиќ.

Во солистичката екипа настапуваат: Марјан Јованоски, Биљана Јосифов, Благој Нацоски, Владимир Саздовски, Невен Силјановски, Соња Пендовска Мадевска, Драган Ампов, Кристијан Антовски, Никола Чедомировски, Филип Мирчевски, чембало: Елена Сиљаноска, заедно со хорот и оркестарот на Националната опера и балет.

„Севилскиот бербер“ е ремек-дело на Росини, композитор познат по својата музичка виртуозност, брзите ритмички фрази и живата сценска енергија. Операта изобилува со духовити ситуации, брзи дијалози и незаборавни музички моменти, меѓу кои се издвојува славната арија „Largo al factotum“, со која ликот на Фигаро повеќе од два века го освојува светот. Делото ја следи љубовната приказна исполнета со пресврти, тајни планови и комични недоразбирања, раскажана во препознатливиот, жив и раскошен стил на Росини.
