Три деца во еден ден завршија во болница со тешки телесни повреди како резултат на сообраќајни несреќи што се случија во Скопје и Тетово. Во текот на вчерашниот ден, на улицата„Ферид Мурати“ во Чаир во Скопје, патничко возило „опел“ со скопски регистарски ознаки, управувано од 46-годишната А.М. од Скопје, удрило во 12-годишник од селото Страхојадица, општина Зелениково.
Во несреќата, детето добило тешки телесни повреди, констатирани во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ во Скопје.
Истиот ден, во СВР Скопје е пријавено дека на улицата „10“ во Арачиново, патничко возило „форд фокус“ со скопски регистарски ознаки, управувано од 13-годишник, удрило во 14-годишник, двајцата од Арачиново. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил 14-годишникот, констатирани во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ во Скопје.
Во Тетово, во текот на вчерашниот ден е пријавено дека на булеварот „Маршал Тито“ патничко возило „рено“ со тетовски регистарски ознаки, управувано од Љ.С.(56) од Тетово, удрило во 11-годишно дете кое се движело пеш. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил пешакот, констатирани во Клиничка болница Тетово.
