Осумдесетина лица вработени во РЕК Битола, со симптоми на труење со храна, вчера побарале медицинска помош, откако јаделе топли и ладни оброци во мензата во компанијата. Како што за Мета информира директорката на Институтот за јавно здравје, Марија Андоновска, до овој момент има 35 физички пријави во Центарот за јавно здравје. Лицата се пожалиле на дијареа, повраќање и малку покачена телесна температура.
„Бевме на терен до доцна синоќа, земавме мостри само од храната, а од работните површини и брисеви од вработените земаа колегите од Центарот за јавно здравје (ЦЈЗ). Со епидемиологот од Битола сме постојано во комуникација, не известуваат за состојбата. Анализите се во тек. Мострите од храна се засадени и утре очекуваме некакви првични резултати, кои ќе ни помогнат да се утврди причината за труењето. Вработените дента на мени имале лазањи и макарони со мелено месо, свински бут со натур сос, ќофте со доматен сос, пилешка супа, пире и кисело млеко“, информира Андоновска.
Во Агенција за храна и ветеринарство (АХВ) информираат дека откако добиле телефонска дојава за сомнеж за труење со храна во РЕК Битола, во соработка со ЈЗУ Центар за јавно здравје Битола, Институт за јавно здравје – Скопје и инспектори на Државниот санитеран и здравствен инспекторат, спровеле вонреден инспекциски надзор во кујната на операторот кој вршел снабдување со храна на РЕК Битола.
„Во координирана акција, земени се мостри од храна и брисеви од работни површини, раце и нос на затекнати вработени лица во кујната. Согласно националниот протокол за постапување во случај на сомнеж за појава на алиментарни инфекции и интоксикаци, кујната на операторот со храна е времено затворена, односно, дадена е забрана за вршење на дејност подготовка и послужување на храна од истата, се до завршување на инспекциската постапка и добивање на уредни наоди од лабораториските испитувања на земените мостри и брисеви. Наредено е вонредно чистење и дезинфекција на објектите и опремата и спроведување на вонредни санитарни прегледи за сите вработени лица. Инспекциската постапка продолжува“, информираат оттаму.
