Во Тирана беше реализирана висока посета во Техничко-економското средно училиште, во рамки на програмата „Superschools Exchange“, која поврзува средни училишта од Тирана и Делчево.
Настанот ги обедини претставници од Делегацијата на Европската Унија во Албанија, Амбасадата на Сојузна Република Германија во Албанија, Националната агенција за вработување и вештини, претставници на Младите европски амбасадори, како и Канцеларијата на RYCO во Албанија. Посетата беше можност да се прикаже тековната размена на ученици меѓу двете училишта и да се истакне значењето на вклучување на младите во интеркултурен дијалог и градење долгорочни врски во регионот.
Партнерството „Bridges of Unity“ ги поврзува двете училишта преку активности што промовираат соработка и меѓусебно разбирање. За време на посетата, учениците од Техничко-економското училиште во Тирана и СОУ „Методи Митевски Брицо“ од Делчево учествуваа во интерактивна сесија со институционалните претставници, при што ги споделија своите искуства од програмата и ги истакнаа придобивките од мобилноста, соработката и заедничкото учење.
Настанот беше отворен со културна програма подготвена од учениците, по што следеа обраќања на учесниците и институциите.
Претставниците нагласија дека програмата „Superschools“ создава значајни можности за младите од различни средини да се поврзат, да учат едни од други и да градат трајни пријателства, со што се зајакнува довербата и соработката во регионот на Западен Балкан.
Програмата „Superschools“ овозможува ученици од различни заедници да учествуваат во седумдневни размени, каде што преку заеднички активности развиваат интеркултурен дијалог, толеранција и подобро разбирање на различните култури и вредности.
Програмата е дел од поширокиот проект „Western Balkans School Exchange Scheme“, кофинансиран од Европската Унија и германското Министерство за економска соработка и развој (BMZ), а имплементиран од GIZ и Регионалната канцеларија за младинска соработка (RYCO).
