Франција значително ќе ги зголеми резервите на ракети и дронови, до 400 отсто до 2030 година, според нацрт-законот за воено планирање во кој увид имал Политико.
Тековните конфликти во Украина и на Блискиот Исток покажаа колку брзо се трошат муницијата и вооружувањето во војување со висок интензитет. Сега Париз издвојува милијарди евра за да ги зголеми постојните резерви и да ги замени ракетите за противвоздушна одбрана што француското воздухопловство ги употреби во Заливот за одбрана од ирански напади со дронови.
„Итната потреба, секако, е за муниција“, им изјави неодамна францускиот министер за одбрана Себастиен Лекорну на пратениците, во услови на пошироки европски стравувања од можен конфликт со Русија до крајот на деценијата.
На 8 април, француската влада ќе го претстави ажурираниот закон за воено планирање, кој до 2030 година предвидува 8,5 милијарди евра за дронови и ракети. Законот претставува повеќегодишна финансиска рамка што ги утврдува целите за набавка и развој на оружје.
„Овој напор се одразува во зголемување на нарачките и испораките, како и во приспособување на индустриската инфраструктура преку кофинансирање на приоритетните производствени капацитети“, се наведува во нацртот од 64 страници. „Тоа се спроведува со цел подготовка за ‘воена економија’.“
Откако Русија ја почна целосната инвазија врз Украина во 2022 година, повеќето европски земји забрзано почнаа да ги развиваат своите одбранбени капацитети, трошејќи милијарди евра за вооружување. Овој тренд дополнително се засили по реизборот на Доналд Трамп за претседател на САД, поради стравувањата дека Вашингтон би можел или да се повлече од НАТО или, пошироко, повеќе да не ја гарантира безбедноста на Европа.
Францускиот закон за воено планирање предвидува трошоци за одбрана од 63,3 милијарди евра во 2027 година, 68,3 милијарди евра во 2028, 72,8 милијарди евра во 2029 и 76,3 милијарди евра во 2030 година. Откако законот ќе биде усвоен во парламентот, овие суми и натаму ќе треба секоја година да бидат одобрени од пратениците преку конкретно буџетско законодавство, додека целите за капацитетите ќе треба да се преточат во договори од страна на агенцијата за набавка на вооружување.
Целите за дроновите и ракетите се впечатливи. Франција сака да ги зголеми своите резерви на лутачка муниција, како што се камиказе-дроновите, за 400 отсто, водените бомби AASM Hammer произведени од Safran за 240 отсто, а ракетите Aster и Mica, произведени од MBDA, за 30 отсто.
Идните нови договори од законот за воено планирање доаѓаат во момент кога француската држава и индустријата меѓусебно се обвинуваат за недостигот од масовно производство на оружје. Производителите на оружје ја обвинуваат владата дека не прави доволно нарачки, додека владата очекува тие прво да инвестираат во своите производствени капацитети пред да бидат потпишани договори.
Еден француски официјален претходно за „Политико“ изјавил дека производителите на оружје треба да бидат подготвени да апсорбираат големо зголемување на побарувачката. Минатата недела, извршниот директор на MBDA, Ерик Беранже, им рече на новинарите дека производителот на ракети годинава ќе го зголеми производството за 40 отсто, вклучително и со удвојување на производството на ракетите Aster.
Освен резервите на муниција, нацрт-документот покажува дека Франција не планира да ги проширува своите вооружени сили: на пример, не се предвидени набавки на дополнителни борбени авиони „Рафал“ или фрегати, и покрај претходните ветувања на францускиот претседател Емануел Макрон и Лекорну.
Сепак, Париз размислува за развој на нов тенк. Нацртот покажува дека Франција ќе започне студии за да процени што би можело да го наследи сегашниот француски главен тенк „Леклерк“.
