Нови мерки за декарбонизација, енергетска ефикасност, енергетска безбедност, внатрешен пазар на енергија и за истражување, иновации и конкурентност содржи Интегрираниот национален план за енергија и клима 2025–2030 што го усвои Владата.
Документот, како што информираат од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, ја трасира патеката на државата кон енергетска трансформација, одржлив развој и целосно усогласување со европските политики. Во наредниот период, посочуваат, државата ќе преземе конкретни чекори за засилени инвестиции во сончева, ветерна и хидроенергија, воведување систем за цена на јаглерод, согласно европските стандарди, развој на складирање на енергија и модерна енергетска инфраструктура, постепено напуштање на јагленот како енергенс.
Паралелно, се зајакнува енергетската безбедност преку диверзификација на изворите,
регионална соработка и нови интерконекции, како и понатамошна либерализација и
интеграција на пазарот на електрична енергија.
„Планот е клучен инструмент за модернизација на енергетскиот сектор и исполнување на обврските од Енергетската заедница и европската регулатива. Со вкупно 61 конкретна мерка, планот опфаќа 26 мерки за декарбонизација, 20 за енергетска ефикасност, три за енергетска безбедност, 11 за внатрешен пазар на енергија и една за истражување, иновации и конкурентност.
Фокусот е јасен – намалување на емисиите на стакленички гасови, зголемување на обновливите извори на енергија и значително подобрување на енергетската ефикасност“, посочуваат од Министерството.
За документот е спроведена и Стратегиска оцена на влијанието врз животната средина, која ги анализира ефектите врз воздухот, водите, почвата, биодиверзитетот, климатските промени и здравјето на граѓаните. Извештајот е прифатен од надлежните институции, по спроведени јавни расправи и консултации, вклучително и со соседните држави.
Со имплементацијата на Планот се очекува значително подобрување на квалитетот на животната средина, поголема енергетска стабилност и независност, нов инвестициски циклус во енергетиката, забрзана зелена транзиција и економски развој.
