Премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање дали ќе се бара екстрадиција за поранешниот премиер и бегалец од правдата Никола Груевски по примерот на Полска, изјави дека веќе дал одговор на ова прашање и дека нема потреба од негово повторување.
Тој појасни дека за разлика од случајот со полските министри, Груевски сè уште има одобрен азил во Унгарија, поради што, како што рече, прво треба да се промени тој статус пред да се испрати барање за екстрадиција.
„Уште ли со тоа прашање!? Дадов одговор веќе, не ќе се повторуваме. За да се испрати барање за екстрадиција треба најпрво да се отпочне процедура за прекин на правото на азил. Сега да испратиме барање за екстрадиција, ќе добиеме негативен одговор. Можеме уште утре да испратиме, но нема поента“, изјави Мицкоски.
Тој воедно посочи и дека опозицијата може да побара екстрадиција на поранешниот директор на Електростопанство на Македонија (ЕСМ), Васко Ковачевски.
„Еве опозицијата нека го побара Васко Ковачевски да дојде“, изјави премиерот.
Одговарајќи на новинарско прашање за неговата претходна изјава во која посочи дека „чувствува“ дека ќе има прогон на против поранешни функционери во Унгарија од сегашната опозиција, Мицкоски се осврна и на денешната реакција од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ).
„Секој има право да си се допишува и да праќа писма, но моите чувства се се посилни“, изјави Мицкоски.
Пред два дена, тој изјави дека има чувство, но не и инфомации дека поранешни виоки функционери кои биле дел од владите на СДСМ ќе се соочат со прогон.
Лидерот на партијата пак, Венко Филипче, во меѓувреме испратил писма до институциите на Европската Унија во кои изразува загриженост за состојбата со владеењето на правото во земјата. Во писмата, Филипче ја посочува токму изјавата на Мицкоски од пред два дена, оценувајќи ја како најава за можни политички притисоци и селективни постапки против поранешни функционери.
„Оваа изјава за политички реваншизам претставува директна закана за демократскиот плурализам. Неговото ‘чувство‘ дека ќе следуваат конкретни постапки е транспарентен показател за намера за извршна контрола врз обвинителството и судството, односно подготовка на политички монтирани процеси“, наведуваат од СДСМ.
Мицкоски даваше изјава по повод поставувањето на камен темелник за доградба на основното училиште „Страшо Пинџур“ во Ѓорче Петров.
