Во текот на 2025 година во земјава се евидентирани 132 несреќи при работа, од кои 31 со смртен исход, стои во Годишниот извештај за несреќи при работа и професионални заболувања, што се објавува по повод Светскиот ден за безбедност и здравје при работа, 28 Aприл. Денот се одбележува само неколку дена по несреќа што се случи на градилиште во Скопје, во која градежен работник го загуби животот во одрон на земја.
Како што информираат од Македонското здружение за заштита при работа посебен осврт во извештајот е даден на трагични настани кои ја одбележаа годината, вклучително и пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, кој дополнително ја нагласи важноста од доследно почитување на прописите за безбедност, управување со ризици и ефективен инспекциски надзор.
„Анализата на повредите треба да ја користиме како алатка за учење, а не за критика. Веруваме дека секоја несреќа може да се спречи со правилно планирање, соодветна обука и постојана будност. Податоците што следат во табеларниот приказ нè потсетуваат дека патот кон „Визија Нула“ бара заеднички ангажман и залагање од менаџментот и од секој вработен поединечно. Безбедноста и здравјето при работа не се избор, туку обврска. Секој работник има право да се врати дома безбедно, а секој работодавач има должност да го обезбеди тоа“, посочуваат од здружението.
Светскиот ден за безбедност и здравје при работа, воспоставен од Меѓународната организација на трудот (ILO), има за цел да ја подигне свеста за значењето на превенцијата на повредите при работа и унапредувањето на безбедните и здрави работни услови. Овој ден претставува потсетник дека секоја несреќа може и треба да биде спречена преку систематски пристап, едукација и одговорност од сите засегнати страни.
