„Вчера добивме официјално известување од Брисел дека се продолжува со процесот на искористување на средствата од ИПАРД-програмата, односно ќе продолжи исплатата на сите квартали коишто се доспеани, во наредниот период ќе има и нови објави“, изјави министерот Трипуновски.
Порача дека нема простор за загриженост кај корисниците на овие средства.
„Ова значи дека земјоделците не треба да бидат загрижени, ние направивме се што е во рамки на нашите можности како држава за да го продолжиме процесот понатаму со цел да го модернизираме и развиваме македонското земјоделство“, истакна Трипуновски.
Од Делчево тој рече дека Министерството продолжува со кампањата за да биде во постојана комуникација со земјоделците.
„Денеска сме повторно на терен, овде во Делчево, на средба со земјоделците. Продолжуваме со кампањата што ја започнавме како ресорно министерство, со цел да бидеме во постојана комуникација со земјоделците. Оваа трибина е со цел да ги презентираме досегашните резултати, тековните активности на Министерството, но и да го слушнеме гласот на земјоделците од оваа општина“, истакна Трипуновски.
Додаде дека ваквите средби ќе продолжат и во наредниот период и во другите делови низ државата.
„Оваа кампања е од особено значење за нас како институција, бидејќи преку непосредна комуникација може да креираме правилни и отворени политики, кои се во интерес на македонското земјоделско производство“, рече Трипуновски.
