Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) повика на првомајски работнички протест што ќе се одржи на 1 Мај, со почеток во 11 часот, пред Работничкиот дом во Скопје.
Годинашниот протест, како што најавуваат од ССМ, ќе се одржи под мотото „За плата се бориме, не се молиме“, со фокус на барањето за повисоки плати и унапредување на работничките права.
Од синдикатот посочуваат дека работничката борба не се сведува само на еден протест, штрајк или блокада, туку претставува континуирана борба на работниците и синдикатите за зачувување и унапредување на нивните права.
„1 Мај, Меѓународниот ден на трудот, е денот кога протестите и демонстрациите се должност кон работничката борба во минатото и обврска кон работничката борба во иднина“, велат од ССМ.
Сојузот на синдикатите на Македонија потсетува дека од 2018 година секоја година организира масовен работнички протест на Меѓународниот ден на трудот. Ова ќе биде осма година по ред како синдикатот го одбележува 1 Мај со протестен марш.
ССМ упати повик за солидарност и до работниците за кои синдикатите веќе се избориле за покачување на платите, нагласувајќи дека работничката солидарност не смее да има граници
„Денес се бориме за оние со најниски плати, утре за сите нас“, порачуваат од ССМ.
Од синдикатот ги повикуваат работниците на 1 Мај да бидат „солидарни, гласни, обединети и одлучни“ и да застанат рамо до рамо со своите колешки и колеги.
„Работниците во Македонија заслужуваат повисоки плати. Македонија за повисоки плати. За плата се бориме – не се молиме“, се наведува во повикот на ССМ.
