Интересот за поставување на соларни системи кај домаќинствата е голем, но високите почетни трошоци,
сложените административни процедури и недоволната информираност остануваат главни пречки за поголемо учество на граѓаните. Можноста за граѓаните да станат просумери, или активни потрошувачи, кои ќе можат и да произведуваат, да складираат и да продаваат енергија е реална по донесувањето на новиот закон за енергетика, но недостасуваат законите за обновливи извори на енергија и многу подзаконски акти кои овие закони ќе ги направат функционални.
Токму овие теми беа во фокусот на регионалната конференција „Граѓанска енергија: регулатива, практики и искуства од регионот“, што вчера се одржа во Скопје во организација на Еко-свест од Скопје и Центарот за унапредување на животната средина од Србија. На конференцијата учествуваа претставници на институции, граѓански организации, општини и експерти од Македонија и Србија.
„Според анализата за достапните субвенции и поддршка на граѓаните за да станат активни потрошувачи во Македонија и во Србија, покажува дека има огромен интерес особено со новиот закон од 2025 година кога се отвори можноста и за граѓански енергетски заедници. Граѓанската енергија веќе е реалност, а не фикција, но мора да се поедностават процедурите, да има поголема поддршка од институциите, повеќе финансии, но и поддршка со донесување на законите и подазаконските акти кои неодстасуват“, вели Елена Николовска програмски координатор за енергија и клима во Еко свест.
Таа посочи дека Македонија нема регистер на просумери, за разлика од Србија, заради што не е познат бројот на домаќинства кои веќе одлучиле да инвестираат во фотонапонски централи и да произведуваат енергија. Николовска вели дека земјава треба да направи регистар бидејќи на тој начин ќе може да се креираат политиките за поддршка на зголемување на уделот на просумерите и енергетските заедници бидејќи тоа ќе води кон пофер и подемократски енергетски систем, децентрализација на производството и ќе придонесе за декарбонизација на државата.
Во рамки на конференцијата беа презентирани и клучни наоди од истражување за профилите, мотивациите и бариерите на постојните и потенцијалните потрошувачи- производители (просумери) во Македонија. Според анализата 70 проценти од потрошената струја е од страна на домаќинствата и малите фирми, заради што е важно на овие категории да им се даде вистинска можност да произведат што повеќе електрична енергија.
„Енергетската трансформација нема да биде успешна ако граѓаните останат само набљудувачи. Таа ќе биде успешна само ако граѓаните станат активни учесници, партнери и носители на промената,“ рече Ана Чоловиќ Лешоска од Еко-свест.
Учесниците предупредија дека прашањето за капацитетот на мрежата не е само техничко, туку и политичко прашање, односно прашање за тоа колкав простор државата сака да обезбеди за граѓанска енергија.
„Енергетската транзиција нема да биде праведна ако само замениме една технологија со друга, додека моќта, профитот и контролата останат во рацете на мал број актери. Затоа, граѓанската енергија претставува многу повеќе од соларни панели и сметки за струја“- изјави Ивана Јовчиќ од Центарот за унапредување на животната средина од Србија.
Фокусот на дискусијата беше на граѓанската енергија и просумерството кои претставуваат клучен дел од праведната енергетска транзиција, но за нивен побрз развој се потребни појасни правила, подобра институционална координација и поголема вклученост на граѓаните. Учесниците посочија дека новиот Закон за енергетика на Македонија од 2025 година отвора значајни можности за активно учество на граѓаните во енергетскиот систем, но, сè уште недостасуваат подзаконски акти и усогласување со други закони, особено во областа на финансии, домување и градење. Дополнително особено важно е јасно и недвосмислено толкување и примена на одредбите од овој закон од сите засегнати страни.
Како важни примери беа посочени искуствата од Србија и Романија, каде што развојот на просумерството бара долгорочна институционална поддршка и стабилна регулаторна рамка. Учесниците заклучија дека без активно учество на граѓаните, енергетската трансформација нема да биде возможна, а енергетските заедници и активните потрошувачи треба да станат централен елемент на идниот развој на енергетскиот
систем во земјата и регионот.
