Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека им кажал на своите претставници да не „брзаат“ со договорот со Иран, пренесува „Гардијан“. Во објава на Truth Social, американскиот претседател напиша дека разговорите со Иран „се одвиваат на уреден и конструктивен начин“, додавајќи дека им порачал на своите претставници да не брзаат со постигнување договор, бидејќи времето е на нивна „страна“.
Трамп исто така изјави дека американската блокада на иранските пристаништа ќе остане „целосно на сила“ сè додека не се постигне договор.
„Двете страни мора да одвојат време и да ја завршат работата како што треба. Не смее да има грешки!“, напиша тој.
Повторувајќи ги коментарите што претходно ги даде државниот секретар Марко Рубио, Трамп рече дека Иран не смее „да развива или да набавува“ нуклеарно оружје или бомби под никакви околности.
Тој додаде дека односите меѓу САД и Иран стануваат многу „попрофесионални и попродуктивни“ и им се заблагодари на земјите од Блискиот Исток за нивната „поддршка и соработка“.
Иранската новинска агенција Тасним, објави дека американската Влада сè уште блокира одредени клаузули од договорот за прекин на војната, вклучувајќи го и прашањето за ослободување на замрзнатите ирански средства. Некои детали од договорот сè уште не се познати и ништо официјално сè уште не е потпишано.
Шефот на Хезболах, Наим kасем, вчера изјави дека се надева оти договорот со Иран наскоро ќе биде финализиран и дека Хезболах ќе биде вклучен во неговите услови.
„Ако даде Бог, овој договор ќе биде завршен и има знаци дека се приближува кон финализација, а со тоа и ние ќе бидеме меѓу оние што ќе бидат опфатени со овој договор за целосен прекин на непријателствата,“ рече тој во телевизиско обраќање.
