Добитничката на првото издание на националната награда „Роксан Стојанов“, балетската уметница Виола Имери, од 3 до 12 јули 2026 година ќе престојува во Париз, заедно со нејзината менторка Дафина Данилоска Кочевска.
Патувањето, престојот и професионалната програма се организирани од Интерарт културниот центар, Францускиот институт и Амбасадата на Франција во Скопје, со поддршка на Амбасадата на Република Северна Македонија во Париз, Божиновски часовници и Фондација Божиновски.
Престојот е дел од наградата „Роксан Стојанов“, востановена со цел да им овозможи на младите балетски и танцови уметници реална професионална поддршка, меѓународно искуство и директен контакт со врвни уметници и институции. Првото издание на натпреварот се одржа на 18 април 2026 година, на сцената на Македонскиот народен театар, во рамки на отворањето на 22. издание на Танц Фест Скопје.
Натпреварот и наградата ‘Роксан Стојанов’ се одржуваат под покровителство на претседателката на Република Северна Македонија, г-ѓа Гордана Сиљановска-Давкова. На натпреварот настапија пет финалисти, избрани од вкупно 13 учесници: Антонија Атанасова, Виола Имери, Јана Кепевска, Мила Николова и Теа Серафимов.
Во Париз, Виола ќе учествува на програмата на Балетската школа на Париската опера, каде што ќе посетува часови по класичен балет со Стефан Булион, како и часови по современ танц и џез. Нејзината менторка Дафина Данилоска Кочевска ќе има можност да присуствува на дел од часовите. Програмата вклучува и посета на претстави во Пале Гарние, Театар де ла Вил, Опера Бастиља и Кралската опера во Версај, како и средба со Роксан Стојанов.
Во рамки на престојот се предвидени средби и вмрежување со личности од светот на балетот и културата, како и средба со Роксан Стојанов и Н.Е. г-дин Игор Николов, Амбасадор на Република Северна Македонија во Париз.
