Водата во Гостивар од денеска ќе може да се користи како техничка вода, но не и за пиење и готвење, објави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Тој информираше дека по повеќеркатни испитувања на квалитетот на водата во Гостивар, анализите покажуваат дека може да се користи за капење, миење садови, перење и други домаќински потреби, но не и за пиење, ниту пак за подготвување на храна. Министерот најави дека и во следните денови, за населението на Гостивар ќе се обезбеди флаширана вода за пиење.
„Сакам лично да изразам благодарност, прво на гостиварчани за нивното разбирање, потоа и на сите експерти кои помогнаа, особено на Водовод и Канализација од Скопје, од каде ги преземаа сите профресионални активности како хлорирање и поставување апаратура за да дојдеме до оваа фаза. Се надевам дека за брзо ќе известиме дека водата е добра и за пиење“, рече Тошковски.
Тој упати апел до сите општини и јавни комунални претпријатија со водата за пиење да постапуваат максимално професионално и во рамките на надлежностите, за да не го доведат во прашање здравјето на граѓаните.
Во Гостивар во изминатите денови се земени примероци на вода од шест локации од градскиот водовод, кај крајни потрошувачи и кај сите примероци во три последователни дена е констатирано дека водата може да биде за техничка употреба, односно дека нема колиформни бактерии. Извршено е хлорирање со концентрација поголема од вообичаената и загадување веќе не е констатирано, а резултатите од мерењата се доставени до Кризниот штаб и АХВ.
Во следните денови, ќе се зголеми бројот на позициите каде што ќе се мери квалитетот на водата во Гостивар, додека не биде констатирано дека ќе може да се употребува и за пиење. Јавното претпријатие во Гостивар ќе добие помош и да изврши дезинфекција на системот.
Тошковски информира дека паралелно се работи и во истрагата за случајот по насоки од обвинителството и апелираше до локалните самоуправи да преземат активности во рамките на своите надлежности.
„Има предизвици во секојдневните активности и многу време не се инвестира во решавање на проблемите на граѓаните, но ќе мора да се бараат решенија. Ниту војската ниту полицијата не треба да ги обезбедуваат водоводните системи бидејќи тоа не нивна работа, туку службите кои се надлежни се должни да си ги преземат обврските и доколку си ја работат работата нема да имаме вакви проблеми“, рече Тошковски.
