Комисијата за заштита на конкуренцијата во две јавни набавки, спроведени во 2024 година ја ограничила конкуренцијата и фаворизирала одредени економски оператори, открива Државниот завод за ревизија. Според извештајот, Комисијата, во две постапки за јавна набавка на три мобилни телефони и за услуга за такси превоз, во првиот случај ја дефинирал техничката спецификација така што дадените карактеристики упатувале на конкретен производител и производи, со што направиле фавозризирањ е на одреден оператор, а во вториот случај како критериум за избор на најповолен понудувач за такси превоз предвиделе дека ќе се користи економски најповолната понуда врз основа на најдобриот однос помеѓу цената и квалитетот, но не го опишале начинот на доделување на бодови.
Ревизорите откриле и дека Комисијата не го осигурала имотот со кој располага, зградата, опремата, благајната, што е незаконски. Оваа институција, која има надлежности да врши надзор над договорите склучени меѓу претпријатија, и да го контролира евентуалното нарушување на конкуренцијата, евидентираната доминантна позиција на пазарот како и оцена на концентрацијата дали истата е во согласност со закон, има и можност да изрекува глоби за утврдени непостапувања или повреди, но ревизијата констатирала дека нема евиденција на предметите и побарувањата, што може да доведе до ненавремена наплата и застарување.
Од ДЗР велат дека е извршена ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на Комисија за заштита на конкуренцијата, на сметката на основен буџет за 2024 година и дека е изразено мислење со резерва за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2024 година за сметката на основен буџет и за усогласеност со законската регулатива, упатства и воспоставени политики.
„Не е извршена ревизија, ниту е издаден извештај за годините кои претходат на годината што е предмет на ревизија на Комисија за заштита на конкуренцијата, на сметката на основен буџет. Со извршената ревизија констатирано е дека материјалната и сметководствената евиденција не се усогласени поради отсуство на вредносни показатели во пописните листи, Комисијата нема преземено мерки за заштита на имотот преку осигурување, има отсуство на единствена евиденција на предмети за кои се изречени глоби и слабости во содржината на тендерска документација и техничка спецификација во дел од постапките за јавни набавки“, велат од ДЗР.
Од Комисијата за заштита на конкуренцијата, велат дека актуелниот состав по преземањето на функцијата, работи во целосно екипирансостав и стручни служби заради што во споредба со 2024 година кога биле донесени 3 решенија со изречени глоби во износ од 1.9 милиони денари, во 2025 година биле донесени 31 решение со изречени глоби во вкупен износ од 56 милиони денари.
Во истиот период се наплатени 110милиони денари по основ на правосилни и извршни решенија, што укажува на значително поефикасно спроведување на прекршочните постапки. Покрај тоа, Комисијата активно постапува и по препораките содржани во ревизорскиот извештај, со цел дополнително унапредување на финансиското управување, материјалната и сметководствената евиденција, јавните набавки и внатрешните контролни механизми, посочуваат од Комисијата.
