Министерството за здравство размислува да воведе нов механизам за контрола на боледувањата, по примерот на Словенија, со кој би можело да се пријавуваат лица кои користат боледување, а во исто време престојуваат на одмор надвор од државата.
Една од можностите е контролите во иднина да не се спроведуваат само по барање на работодавачот, туку и врз основа на анонимни пријави од граѓани.
Во Словенија постои електронски систем преку кој секој може да пријави сомнение за несоодветно однесување на лице кое е на боледување. Таму, меѓу другото, постојат ограничувања за движењето на лицата на боледување, како и забрана за работа на друга работа или излегување од државата без соодветно одобрение. Доколку се утврди злоупотреба, може да следува и враќање на исплатениот надомест.
„Имаат електронска пријава за несоодветен режим на однесување на пациентите, односно секој може да пријави ако некој е на боледување, а е отиден на одмор во Италија, а кај нас тоа не постои“, изјави министерот, додавајќи дека ова е еден од модалитетите за кои сериозно треба да се разговара.
Сепак, министерот посочува дека земјата е сè уште далеку од целосно воведување на словенечкиот модел.
Во меѓувреме се очекуваат и резултатите од контролата на боледувањата во Армијата. Извештајот сè уште не е завршен, бидејќи контролата е пообемна од онаа спроведена во Министерството за внатрешни работи.
