Македонија бележи значителен напредок на Глобалниот индекс за сајбер-безбедност (National Cyber Security Index – NCSI), искачувајќи се за 29 позиции и достигнувајќи го 30. место меѓу 155 рангирани држави и територии.
Со резултат од 84,17 поени од можни 100, државата се вбројува меѓу земјите со високо ниво на подготвеност за спречување сајбер-закани и за управување со сајбер-инциденти. Напредокот е забележан и во меѓународните медиуми, кои ја издвојуваат Македонија меѓу земјите што во последниот период оствариле забележително подобрување во националните капацитети за сајбер-безбедност.
Глобалниот индекс за сајбер-безбедност го развива естонската „Академија за е-управување“ (e-Governance Academy – eGA). Индексот ја оценува подготвеноста на државите преку 49 индикатори распоредени во 12 области, опфаќајќи ги стратешките, превентивните и капацитетите за одговор на сајбер-закани. Оценувањето се заснова на јавно достапни закони, официјални документи, институционални механизми и докази за практично спроведени мерки.
Според најновите податоци, Македонија има максимални оценки во повеќе клучни области, меѓу кои политиките за сајбер-безбедност, заштитата на критичната информациска инфраструктура, образованието и професионалниот развој, заштитата на личните податоци, одговорот на сајбер-инциденти и борбата против компјутерскиот криминал.
