Најсериозниот наод се однесува на три големи фотоволтаични електроцентрали со моќност од 19 MW, 174 MW и 337 MW. Иако станувало збор за градби од државно значење, одобренијата за градење биле издадени од општините на чија територија требало да се градат, наместо од надлежното Министерство за транспорт и со потребната одлука на Владата.
„За овие градби од државно значење, одобренијата за градење биле издадени од општината на чија територија е предвидена нивната изградба, наместо од надлежното министерство кое е надлежно да постапува за оваа категорија на градби и Владата која треба да донесе Одлука за овластување за изградба на нови енергетски објекти. Дополнително, дел од субјектите надлежни за електроенергетска, водоводна и канализациона инфраструктура, доставувале мислења за можноста за приклучок на ФЕЦ во системот само од формален аспект“, се наведува во извештајот на ДЗР.
Според ДЗР, до мај 2025 година, изградбата на нови фотоволтаични централи се одвивала без Индикативен план за изградба на капацитети од обновливи извори на енергија. Тој план требало да покаже какви производни технологии се планираат, колкава инсталирана моќност може да се изгради по региони и какви се можностите за приклучување кон електропреносниот и електродистрибутивниот систем.
Во исто време, до ноември 2024 година не била јасно дефинирана надлежноста на институциите за издавање одобренија за фотоволтаици на земјиште.
„Со ревизијата е констатирано дека интересот за изградба на ФЕЦ се зголемува во
периодот по настанување на енергетската криза (2021 и 2022 година), при што
институциите на централно и локално ниво се соочиле со недостаток од обучен
кадар од областа на законската регулатива што го уредува начинот на изградба на
енергетските објекти, постапката за издавање одобренија за градба на ФЕЦ,
вклучувајќи го и надзорот“, констатирале ревизиорите.
Во контролата на постапките ДЗР открил и други необичности.
Во еден случај различни институции имале различни податоци за инсталираната моќност на истата ФЕЦ. Во друг случај биле издадени две одобренија за градење на ФЕЦ врз основа на еден извод од урбанистички план или проект за една градежна парцела.
Ревизорите констатирале и нееднаков третман на инвеститорите во однос на плаќањето на надоместокот за уредување на градежното земјиште.
Дополнително, кај дел од предметите кога документацијата била некомплетна, институциите не постапувале на ист начин. Во шест постапки во општините опфатени со ревизијата не бил донесен заклучок за прекинување на постапката, иако тоа го предвидува Законот за градење.
Во извештајот уште е констатирано дека според податоците на Министерството за енергетика, до крајот на 2025 година во регистарот биле запишани 525 производители на електрична енергија од ФЕЦ.
Но, податоците на Регулаторната комисија за енергетика покажале дека во исто време 1.040 производители имале привремена или трајна лиценца за работа.
„Не се создадени услови ниту за ефикасен мониторинг врз ФЕЦ поради нецелосен и
неусогласен Регистар на електроцентрали, но и поради неуредена категоризација
на отпад од опремата од ФЕЦ и складиштата за енергија, како предуслов за негова
селекција со цел навремена заштита на животната средина и здравјето на луѓето“, пишува во извештајот на ДЗР.
Што се однесува до надзорот, ревизорите контатирале дека од декември 2024 година надлежност за инспекциски надзор во областа на енергетиката има Државниот инспекторат за енергетика, рударство и минерални суровини, но, кадровскиот капацитет е крајно ограничен.
Во периодот до февруари 2023 година работел еден инспектор, потоа бројот бил зголемен на двајца, а од 2025 година повторно само еден инспектор вршел надзорни активности.
Во периодот 2022–2025 година биле извршени само 47 инспекциски надзори над техничката опрема вградена и инсталирана во ФЕЦ, иако во истиот период имало 1.040 производители со привремена или трајна лиценца.
Слична е состојбата и во општините.
Иако со новиот Закон за енергетика од мај 2025 година системот бил променет и било предвидено секоја година да се носи план за изградба на енергетски објекти, и во новиот систем имало проблеми.
За изработката на Годишниот план за 2026 година требало да учествуваат и општините преку свои енергетски планови.
Но, од 74 општини што имале обврска, само седум изработиле општински енергетски планови, со вкупно 67 иницијативи за изградба на енергетски објекти до 1 MW.
Поради сето ова, ДЗР издало препораки за надминување на ваквите состојби.
