Пехчево денеска свечено одбележа два исклучително значајни датуми – 7 Септември, Денот на ослободувањето од фашистичкиот окупатор, и големиот јубилеј – 30 години од постоењето на Општина Пехчево.
Годинашното одбележување има особено значење, бидејќи покрај чествувањето на историскиот ден кога Пехчево ја добило својата слобода, се одбележуваат и три децении од развојниот пат на современата Општина Пехчево – години исполнети со промени, реализирани проекти и заеднички успеси.
По тој повод, повеќе делегации, претставници на институции, здруженија и граѓани положија свежо цвеќе пред споменикот на народниот херој Ванчо Китанов на градскиот плоштад во Пехчево, оддавајќи почит на сите кои се бореле и ги положиле своите животи за слободата.
Градоначалникот на Општина Пехчево, Александар Китански, упати честитки до сите граѓани, нагласувајќи дека годинашниот празник претставува можност истовремено да се оддаде почит на историското минато и да се направи осврт на развојниот пат на општината во изминатите 30 години.
„7 Септември е круна на вековниот стремеж на нашиот народ за слобода. Денес водиме мирнодопски битки со цел да создадеме подобри услови за живот, потпирајќи се на постигнатите резултати и градејќи јасна визија за иднината“, истакна градоначалникот Китански.
По положувањето свежо цвеќе, во Домот на културата „Јане Сандански“ се одржа Свечена седница на Советот на Општина Пехчево, посветена на одбележувањето на општинскиот празник и големиот јубилеј – 30 години Општина Пехчево.
Во рамките на свечената седница беа доделени благодарници и признанија на заслужни граѓани, здруженија и компании кои со својата работа, посветеност и несебичен придонес оставиле значаен белег во развојот на Пехчево и локалната заедница.
Посебна благодарница беше доделена и на Армијата на Република Македонија, како знак на благодарност за нејзиниот придонес и успешната соработка со локалната заедница.
Во рамките на празничната програма, припадниците на Армијата на Република Македонија – 2. пешадиски баталјон од гарнизонот во Штип, изведоа презентација и тактичко-технички збор, при што граѓаните имаа можност поблиску да се запознаат со дел од опремата, способностите и активностите на припадниците на Армијата.
Триесет години Општина Пехчево претставуваат три децении развој, посветена работа и заедничко создавање подобри услови за живот. Јубилејот е можност да се направи осврт на постигнатото, но и поттик за поставување нови цели и продолжување на развојниот пат на општината.
Со почит кон историското минато и со јасна визија за иднината, Пехчево продолжува да создава нови вредности и да гради подобра перспектива за своите граѓани.
Честит 7 Септември – Денот на ослободувањето на Пехчево и големиот јубилеј – 30 години Општина Пехчево!
Поврзани вести
Најнови информации
Добивајте ги најновите креативни вести од Малеш.
© 2026 MaleshMK. Designed by MKNet.
