Претседателот на Владата Христијан Мицкоски, во рамки на посетата на Вашингтон, се обрати пред Атлантскиот совет, каде ги претстави стратешките приоритети на Владата, позицијата на државата во регионот, партнерството со Соединетите Американски Држави, европската интеграција, како и плановите за економски, инфраструктурен, енергетски и технолошки развој на државата.
Мицкоски истакна дека стратешкото партнерство меѓу Македонија и Соединетите Американски Држави е партнерство градено со децении и дека Владата има јасна определба тоа дополнително да го продлабочува. Тој посочи дека Македонија е мала држава, но со исклучително значајна геостратешка позиција во срцето на Балканот, како природна крстосница на важни европски транспортни и енергетски коридори.
Премиерот нагласи дека политиката на Владата се темели на предвидливост и исполнување на преземените обврски. Во тој контекст посочи дека државата има јасен план и во однос на обврските како членка на НАТО, вклучително и постепено зголемување на издвојувањата за одбраната, но и инвестиции во стратешката инфраструктура – автопати, железници и енергетски преносни системи.
Како еден од важните предизвици за иднината, Мицкоски ја посочи и сајбер-безбедноста. Владата, како дел од реформската агенда со Европската Унија, планира развој на примарен дата-центар кој ќе ги поврзува јавните институции, ќе биде поврзан со постојниот секундарен центар за обновување на податоци и дополнително обезбеден преку клауд инфраструктура. Целта е државата да изгради посилен и поотпорен систем за заштита од современите сајбер-закани.
Мицкоски пред Атлантскиот совет ја претстави и развојната стратегија на Владата која се темели на три меѓусебно поврзани столба – инфраструктура, енергетска инфраструктура и вештачка интелигенција и висока технологија.
Во делот на енергетиката, тој истакна дека амбицијата е Македонија да стане значајна енергетска и транзитна крстосница на Балканот. Интерконекторот кон Грција треба да овозможи поврзување со ЛНГ терминалот во Александрополис, додека со изградбата на интерконекторот кон Србија се создава можност овој енергетски правец да продолжи кон Централна Европа.
Според Мицкоски, со завршувањето на двата проекти Македонија добива далеку поголемо регионално значење и можност да стане транзитна земја за снабдување со природен гас кон Централна Европа. Во исто време, развојот на гасната инфраструктура се поврзува и со идните инвестиции во производство на електрична енергија, дата-центри, вештачка интелигенција и високотехнолошка индустрија.
Премиерот се осврна и на инфраструктурните проекти, посочувајќи го значењето на Коридорите 8 и 10. Македонија се наоѓа на природната крстосница на овие два европски коридори – Коридорот 10 кој го поврзува Медитеранот и Егејското Море со Централна Европа и Коридорот 8 кој ги поврзува Јадранското и Јонското со Црното Море.
