Мицкоски истакна дека стратешкото партнерство меѓу Македонија и САД се гради со децении и оти Владата има јасна определба дополнително да го продлабочува.
Тој посочи дека Македонија е мала држава, но со исклучително значајна геостратешка позиција во срцето на Балканот, како природна крстосница на важни европски транспортни и енергетски коридори.
Премиерот нагласи дека политиката на Владата се темели на предвидливост и исполнување на преземените обврски. Во тој контекст, посочи дека државата има јасен план и во однос на обврските како членка на НАТО, вклучително и постепено зголемување на издвојувањата за одбраната, но и инвестиции во стратешката инфраструктура – автопати, железници и енергетски преносни системи.
Како еден од важните предизвици за иднината Мицкоски ја посочи и сајбер-безбедноста. Владата, како дел од реформската агенда со Европската Унија, планира развој на примарен центар за податоци, кој ќе ги поврзува јавните институции, ќе биде поврзан со постојниот секундарен центар за обновување податоци и дополнително обезбеден преку облачна инфраструктура.
Целта, како што посочи Мицкоски, е државата да изгради посилен и поотпорен систем за заштита од современите сајбер-закани.
Пред Атлантскиот совет тој ја претстави и развојната стратегија на Владата, која се темели на три меѓусебно поврзани столба – инфраструктура, енергетска инфраструктура и вештачка интелигенција и висока технологија.
Во делот на енергетиката, Мицкоски истакна дека амбицијата е Македонија да стане значајна енергетска и транзитна крстосница на Балканот.
Интерконекторот кон Грција треба да овозможи поврзување со терминалот за течен природен гас во Александруполи, додека со изградбата на интерконекторот кон Србија се создава можност овој енергетски правец да продолжи кон Централна Европа.
Според Мицкоски, со завршувањето на двата проекта Македонија ќе добие поголемо регионално значење и можност да стане транзитна земја за снабдување со природен гас кон Централна Европа.
Во исто време, развојот на гасната инфраструктура се поврзува и со идните инвестиции во производство на електрична енергија, центри за податоци, вештачка интелигенција и високотехнолошка индустрија.
Премиерот се осврна и на инфраструктурните проекти, посочувајќи го значењето на Коридорите 8 и 10. Македонија се наоѓа на природната крстосница на овие два европски коридори – Коридорот 10, кој го поврзува Медитеранот и Егејското Море со Централна Европа, и Коридорот 8, кој ги поврзува Јадранското и Јонското Море со Црното Море.
Тој посочи дека нивното значење не е само економско, туку и стратешко и безбедносно, особено за НАТО и за идната реконструкција на Украина.
Во однос на европската интеграција, Мицкоски нагласи дека Македонија останува целосно посветена на членството во Европската Унија, но дека процесот треба да биде заснован на реформи и заслуги, наместо на постојано отворање нови билатерални прашања.
Тој потсети дека Македонија повеќе од две децении се наоѓа на европскиот пат и дека во изминатиот период државата и граѓаните направиле бројни отстапки во име на европската перспектива.
Според Мицкоски, незадоволството кај граѓаните произлегува од фактот што и покрај направените чекори, државата повторно се соочува со дополнителни услови. Тој порача дека е потребна предвидливост на процесот и гаранција дека постојано нема да се отвораат нови билатерални услови.
Премиерот истакна дека додека Владата бара решение за европскиот пат, Македонија нема да чека во место, туку ќе продолжи да ја развива економијата, да спроведува реформи, да го зајакнува владеењето на правото, да привлекува странски директни инвестиции и да инвестира во високотехнолошка индустрија.
Во тој контекст, тој го посочи и економскиот раст од 4,3 проценти во вториот квартал, оценувајќи дека Македонија е меѓу земјите со највисок раст во Европа.
Мицкоски порача дека Владата ќе продолжи да разговара со европските партнери и со САД за предизвиците со кои се соочува земјата и дека Македонија нема да се изолира или да се повлекува од разговорите.
Стратешката определба, како што истакна, останува јасна – продлабочување на сојузништвото и стратешкото партнерство со САД и полноправно членство во Европската Унија.
Обраќањето пред Атлантскиот совет, како што се наведува, ја потврдило позицијата на Македонија како НАТО-сојузник со јасна западна стратешка ориентација, но и како држава која својот развој сака да го темели на конкретни проекти – модерна инфраструктура, енергетско поврзување, дигитална и сајбер-отпорност, инвестиции, вештачка интелигенција и висока технологија.
Пораката на Мицкоски од Вашингтон е дека Македонија ќе продолжи да ги води разговорите за својата европска иднина, но истовремено ќе работи на сопствениот економски развој и на зајакнување на својата геостратешка позиција во регионот.
