Премиерот Христијан Мицкоски во Њујорк остварил разговор со државниот секретар на Соединетите Американски Држави, Марко Рубио, при што биле разменети ставови за прашања од заеднички интерес и за натамошното продлабочување на билатералните односи.
Мицкоски оцени дека средбата има особено значење и претставува потврда за важноста на стратешкото партнерство и континуираниот политички дијалог меѓу Македонија и САД.
„Директната комуникација на високо политичко ниво е важна можност за размена на ставови за прашањата од заеднички интерес, за продлабочување на билатералните односи и за натамошно зајакнување на нашата позиција како стабилен и доверлив сојузник“, наведе Мицкоски.
Премиерот посочи дека во услови на сериозни геополитички предизвици, силните партнерства и отворениот дијалог со стратешките сојузници добиваат дополнително значење.
„Македонија има јасни државни интереси и продолжува достоинствено и принципиелно да ги застапува заедно со нашите стратешки партнери“, порача Мицкоски.
Тој додаде дека Владата ќе продолжи со активности насочени кон зајакнување на македонско-американското стратешко партнерство и создавање нови можности за соработка.
