Демократската обнова на Македонија повика на итни и суштински промени со управувањето на комуналниот отпад во земјава. Пожарите на нестандардната депонија „Краста“ во Куманово, која гори веќе шест месеци и на депонијата во Струмица се аларм, велат од ДОМ.
„Краста“ се користи со одлука на Општина Куманово, но нема дозвола за депонирање од Министерството за животна средина и просторно планирање. Според податоците на Министерството, законски дозволи за депонирање имаат само три депонии во државата: „Дрисла“ и депониите во Гевгелија и Гостивар. Општинските инспектори и Државниот инспекторат за животна средина мора да постапуваат ефикасно, секој во рамките на своите надлежности. Не е доволно институциите да реагираат откако ќе избие пожар – потребни се превенција, контрола и одговорност, велат од ДОМ.
Посочуваат дека регионалниот систем за управување со отпад доцни со години, а регионалната депонија кај Свети Николе сè уште не е реализирана. ДОМ бара преиспитување на досегашниот пристап и конкретни решенија наместо нови ветувања.
Според ДОМ, покрај регионалниот систем, треба да се анализира и можноста за централна постројка за енергетско искористување на отпадот, со капацитет до 300.000 тони годишно и проценета инвестиција од 100 до 120 милиони евра.
Сите досегашни влади ја задолжуваа државата со милијарди евра. Ако се задолжуваме, средствата мора да се вложуваат во функционални системи што носат долгорочна корист за граѓаните. Чистиот воздух, здравјето на луѓето и заштитата на животната средина мора да бидат приоритет. Време е за одговорност и системски решенија, велат од ДОМ.
