Македонија почнува да гради нов автопат од Букојчани до Кичево, шести проект што го започнува оваа Влада. Поврзувањето од Кичево до Букојчани со автопатско решение ќе даде целосна смисла на Коридорот 8, што ќе значи целосна доизградба на коридорот и целосно автопатско поврзување на Скопје и Охрид, истакна на денешното поставување камен темелник на новиот автопат, заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски.
Според Николоски, станува збор за исклучително важна делница која треба да обезбеди целина на автопатското поврзување на западниот дел од државата, преку Тетово, Гостивар, Кичево и Струга, овозможувајќи целосно поврзување на Коридорот 8.
-Овие 12 километри се исклучително важни и треба да дадат смисла и целина на целокупното автопатско поврзување, не само од Скопје до Охрид, туку и на целиот Коридор 8. Со ова автопатско поврзување, целиот коридор добива смисла, рече Николоски.
Тој нагласи дека градежните активности започнуваат токму на локацијата каде што завршува автопатот Охрид – Кичево, од каде трасата ќе продолжи кон Букојчани. Истовремено, на делницата од Букојчани до Гостивар веќе интензивно се работи на изградба на автопатско решение.
