На денешниот промотивен настан, граѓанската платформа „Независни заедно“ официјално ја објави кандидатурата на деканот на Градежниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, професор д-р Горан Марковски, за градоначалник на Град Скопје на претстојните локални избори.
Промоцијата беше отворена од страна на Јана Белчева Андреевска, кандидатка за советничка за град Скопје која истакна дека по години гледање како се нижат проблеми, се губат и запустуваат јавни простори и јавни објекти, како горат и исчезнуваат пред наши очи објекти со вредност и значење, Скопје има шанси за промена.
Професорот Марковски на неговото обраќање се претстави како независен кандидат, со јасна визија за модерен и хуман град, управуван со стручност и интегритет.
„Скопје е во агонија. Му е потребна визија ослободена од корупција, култура наместо популизам, стандарди наместо импровизации. Оваа моја кандидатура е повик за заедничка борба за град кој ќе им служи на граѓаните, а не на тесни интереси,“ истакна Марковски.
Во своето излагање, тој посочи дека Скопје денес се соочува со сериозни предизвици – загаденост, урбан хаос и изгубен идентитет, и нагласи дека потребни се нови решенија кои ќе донесат надеж, особено за младите.
„Го започнувам овој пат од Камениот мост – симболот на поврзување и заедништво. Убеден сум дека со широка граѓанска поддршка можеме да изградиме град кој ќе биде вистински европски дом, место на кое ќе се гордеат сите скопјани,“ додаде тој.
Од „Независни заедно“ порачаа дека професор Марковски е личност со докажан професионален интегритет и долгогодишно искуство, кој зад себе има голем број реализирани проекти и генерации воспитани инженери. „Време е Скопје да го водат стручни лица со храбро лидерство и визија за поубав град по мерка на човекот,“ велат од платформата.
Во својот говор, Марковски ја нагласи суштината на својата визија: град кој ќе се управува со транспарентност и чесност, со стручност и компетентност наместо популизам и импровизации, со стремеж кон современи и одржливи решенија што ја ставаат дигитализацијата, зелените политики и културата во фокусот на развојот. Тој подвлече дека Скопје мора повторно да стане симбол на заедништво и поврзување, а вистинската промена може да се постигне единствено преку активни граѓани и независни личности кои ќе изградат силни институции и здрава демократија.
„Скопје е во агонија! Се гуши. Тоне. Се суши. На Скопје му е итно потребна помош! Безусловна помош. На нашето, запуштено, загадено, валкано, дехидрирано, депресивно Скопје, повеќе од кога и да е, му треба јасна визија ослободена од секаква лукративна корупција, му треба инфузија на култура наместо неартикулирано УРА, издржан реализам наместо гол популизам, стандардизација наместо импровизација, докажана компетенција наместо приправничка амбиција. Скопје моли за шанса. Од оние кои искрено го сакаат. Кои со него денес тагуваат. Од оние кои знаат и умеат. Кои сакаат да му се оддолжат. И нему и на државата. За дадените можности. За остварените животни сништа.“ истакна Марковски.
Во своето обраќање изјави дека е тажно и крајно поразително што во дваесет и првиот век во главен град на Европска држава, наместо наместо за високо ниво на дигитализација, примена на вештачка интелигенција, зелени агенди, современи видови сообраќај, паметни згради, рециклирање отпад, нулта загаденост и исто толкава смртност во сообраќајот, да се збори за теми за гол опстанок.
„Битката со идеи и концепти за спас, но и за развој на нашиот главен град ја започнувам од Камениот мост. Симболот на Скопје. Не само затоа што мостовите се во фокусот на моето професионално делување, туку затоа што тие се и симбол на победа на поврзувањето над раздвојувањето. На заедништвото над отуѓеноста. На премостувањето пречки. На истрајноста.“ посочи Марковски.
Своето обраќање го заврши со тоа дека ваквите битки се невозможни да се добијат без широка поддршка на истомисленици. Со тоа се заблагодари на „Независни Заедно“ за препознавање на искреноста, посветеноста и стремежот за подобро Скопје. Се заблагодари што во него препознале личност која зад себе има оставено огромен опус на конкретни и видливи реализирани проекти и дела.
„Независни заедно“ е широка граѓанска платформа која ги обединува независните советници и локални иницијативи од неколку скопски општини-„Шанса за Центар“, „Зелените за Гази Баба“ и „Групација 389“. Покрај град Скопје, платформата веќе објави дека цели на победа во општина Центар каде ќе ја поддржи кандидатурата на истакнатата антикорупционерка Билјана Ивановска.
„Независни заедно“ произлезе како одговор на разочараноста од традиционалните политички партии и има за цел да ја врати локалната власт во рацете на граѓаните. Платформата ги повикува сите скопјани, поединци и групи, да се приклучат и заеднички да изградат нов модел на управување – чесен, стручен, транспарентен и посветен на јавниот интерес. „Само заедно можеме да му дадеме шанса на Скопје да стане град по мерка на човекот,“ порачуваат од „Независни заедно“.