Талибанците упатија повик за меѓународна помош додека Авганистан се соочува со последиците од земјотрес кој однесе над 1.400 животи и остави илјадници повредени, пренесува „Гардијан“.
Спасувачките екипи вчера до доцна во ноќта, трагале по преживеани откако земјотресот со јачина од 6 степени ја погоди источната провинција Кунар, која се граничи со Пакистан, уништувајќи цели села.
Многу луѓе останале заробени под урнатините на куќи од кал и камен изградени во стрмни долини, но спасувачите се соочиле со тешкотии да стигнат до оддалечените подрачја поради непристапниот планински терен и лошото време.
Бројот на загинати надминал 1.411 лица, а повеќе од 3.000 се повредени, изјави во вторник портпаролот на владата на Талибанците, Забихулах Муџахид.
Властите соопштија дека очекуваат бројот на жртви дополнително да се зголеми откако спасувачките тимови ќе стигнат до поизолираните места, од кои многу останале непристапни и повеќе од 24 часа по земјотресот.
Портпаролот на министерството за здравство во Кабул, Шарафат Заман, повика на меѓународна помош за справување со разурнувањата предизвикани од земјотресот што се случи околу полноќ по локално време.
„Помош ни е потребна, затоа што овде многу луѓе ги загубија животите и домовите“ изјави тој.