Вечерва, со почеток во 19 часот, во галеријата „Метаоја“ во Скопје, ќе биде прикажана ликовната изложба „Физиогномски белешки/потиснати соништа“.
Изложбата се состои од тресеттина ликовни дела изработени во Психијатриската болница во Демир Хисар и на неа учество ќе земат единаесет лица: уметникот Тони Попов, историчарката на уметност Јасмина Котевска и девет лица штитеници на Психијатриската болница од Демир Хисар.
„Физиогномски белешки/потиснати соништа“ се ликовни дела создадени од девет лица штитеници од Психијатриската болница во Демир Хисар за време на сликарските работилници во 2024 и во 2025 година предводени од ликовниот уметник Тони Попов. Сликарските работилници немаа цел само да создадат ликовни дела што ќе го збогатат творештвото на арт-брут уметноста во земјата, туку имаа и терапевтска функција. Станува збор за групни работилници во кои учесниците имаа можност да се запознаат, да ги разменат и искажат своите мисли и емотивни состојби, главно преку сликарството како примарна форма на комуникација. Резултатите се слики – визуелни дијалози со себе, интимни исповеди на потиснатите желби.
На изложбата ќе бидат прикажани слики што ликовно го обработуваат портретот како предмет на сликарско истражување и слики со архитектноски приказни.
Портретната уметност, покрај функцијата на претставување на физиономскиот лик на личноста што се портретира, во себе носи многу подлабоко значење и во суштина претставува визуелна претстава (физиогномска белешка) на карактерот и психолошко-емоционалните состојби на личноста, ликовно обликувајќи го невидливото во човекот.
Изложбата ќе биде отворена сè до 10 септември.