Шпанскиот премиер Педро Санчез, предупреди дека двојните стандарди за Газа и Украина се закануваат да ја поткопаат глобалната позиција на Западот, пренесува „Гардијан“.
Санчез ја опишува реакцијата на израелскиот напад врз палестинската територија како една од најмрачните епизоди во меѓународните односи во 21 век.
Во интервју за „Гардијан“, социјалистичкиот лидер исто така изјави дека САД под водство на Доналд Трамп се обидувале да го укинат светскиот поредок базиран на правила, создаден по Втората светска војна.
Санчез, првиот висок европски лидер што го обвини Израел за геноцид во Газа, изјави дека е задоволен што и други европски земји го следат примерот на Шпанија во признавањето на палестинската држава, но призна дека реакцијата на Европа била слаба.
„Тоа е неуспех,“ рече тој.
Според него, реалност е дека во рамките на ЕУ имало земји кои се поделени кога станува збор за тоа како да се влијае врз Израел.
„Но, според мое мислење, тоа не е прифатливо и не можеме да продолжиме вака ако сакаме да ја зголемиме нашата кредибилност кога станува збор за други кризи, како што е онаа со која се соочуваме во Украина“, додава Санчез.