Новата двоепизодна документарна серија „Поранешниот Чарли Шин“ (AKA Charlie Sheen) не открива многу ново за актерот чие бурно минато е веќе детално документирано, објави британскиот „Гардијан“. Од „забави“, преку „забави со проблеми“, до „само проблеми“ – така самиот ги дели фазите од својот живот, објаснувајќи дека медиумите веќе ги имаат покриено сите скандали: зависности, јавни хоспитализации, разводи, па дури и откривањето на неговиот ХИВ статус.
Иако неговиот татко Мартин Шин и братот Емилио Естевез одбиле да учествуваат, други членови од семејството – вклучувајќи ги неговите деца и поранешни сопруги – зборуваат отворено, но со љубов. Шин, кој е седум години трезен, изгледа шармантно и благодарно, но документарецот внимателно ги избегнува најтешките теми: обвинувањата за семејно насилство, судските наредби, и тврдењата дека ги изложувал партнерките на ризик.
Критиките за површноста на „Поранешниот Чарли Шин“ доаѓаат од новинарски кругови, особено од рецензијата на „Гардијан“ каде се истакнува дека режисерот Ендру Рензи му дал „нежна и контролирана платформа“ на Шин, оставајќи ги најтешките обвинувања речиси недопрени. Иако Шин искрено им оддава почит на семејството и пријателите, недостасува вистинско каење или разбирање за болката што им ја нанел.
Најсилните моменти доаѓаат од луѓе кои биле директно погодени – како Хајди Флајс, која сè уште гневно зборува за неговото сведочење против неа, и Џон Крајер, колегата од „Двајца и пол мажи“ кој отворено зборува за „циклусот“ на хаос што Шин го предизвикувал на снимањата.