„Одлуката ја донесов по долготрајни консултации со граѓаните и по внимателно следење на јавното мислење. Сите ме знаете, мојот телефон е отворен и комуницирам со секого – токму тоа е доказ дека постои силна поддршка и желба повторно да ја водам општината,“ истакна Јакимовски на денешната средба со новинарите.
Тој подвлече дека довербата од граѓаните не се должи на симпатии, туку на конкретни резултати. „Карпош е 10 до 15 години пред која било општина во Македонија. Имаме модерна инфраструктура, реновирани училишта и градинки, подобрени услови за образование и спорт, како и подготвена администрација која стои зад секој реализиран проект,“ додаде Јакимовски.
За него остануваат предизвиците како паркирањето и одржувањето на хигиената и зеленилото. „Ќе инсистираме на нови законски решенија за хигиената и зеленилото, затоа што е недозволиво десетина градоначалници и стотици функционери да бидат надлежни, а резултатите да бидат катастрофални. Одговорноста мора да е јасна и да дојде кај локалната самоуправа,“ нагласи тој.
Јакимовски најави нови стимулации за бушотини и системи за наводнување, субвенции за електрични возила во општината, поголем акцент на енергетската ефикасност и заштитата на животната средина.
„Карпош мора да има свој пензионерски дом со капацитет од 150 до 200 легла. Тоа е голема потреба за нашите повозрасни сограѓани, и како општина ќе вложиме напори да обезбедиме финансиска конструкција за реализација,“ изјави Јакимовски.