Од 15 октомври започнува грејната сезона за сите потрошувачи приклучени на системот за централно греење во градот Скопје, со кој управува АД ЕСМ, потсетуваат оттаму.
Како што се наведува во соопштението, преку системот се греат околу 66.000 активни потрошувачи, од кои 65.000 домаќинства и над 1.000 деловни потрошувачи, во кои се вклучени болници, здравствени домови, средни и основни училишта и детски градинки.
„Во октомври и во првата половина од ноември, кога временските услови често се менуваат, снабдувањето со топлинска енергија ќе зависи од температурата на воздухот и атмосферските услови во различни периоди од денот, односно кога температурите се пониски, испораката на топлинска енергија се зголемува, а кога се повисоки, се намалува. При точно утврдени атмосферски услови, кога надворешните дневни температури ќе достигнат одредени гранични вредности, испораката на топлинската енергија се прекинува, односно системот се исклучува. Веднаш по падот на температурите под утврдените гранични вредности, централното греење повторно се вклучува“, информираат во АД ЕСМ.
Со ваквиот начин на регулирана испорака, како што тврдат оттаму, се обезбедувала оптимална потрошувачка на топлинска енергија и минимални можни трошоци за греење на потрошувачите.
„Ја информираме јавноста дека систем операторот за пренос на гас НОМАГАС најави дека оваа година поради ремонтни активности на регионалните транспортни системи за пренос на природен гас и гасоводот „Турски тек“ се очекува од 13 до 17 октомври да има прекин во испораката на природен гас кон потрошувачите во земјава. Очекуваме расположливите количини на гас во преносниот систем да бидат доволни за обезбедување квалитетна испорака на топлинска енергија, согласно надворешните температурни услови. Ако во преносниот гасоводен систем со кој управува НОМАГАС не се обезбедат соодветни количини, можни се незначителни редукции на испораката на топлинска енергија кои нема значително да влијаат на комфорот на потрошувачите, и тоа само во периодот од 15 до 17 октомври“, предупредуваат во АД ЕСМ.
Оттаму апелираат до потрошувачите, заедниците на сопственици и управителите да ги обезбедат потребните услови за непречена испорака на топлинска енергија во објектите по почетокот на грејната сезона.
„Потрошувачите и заедниците на сопственици е потребно да ги отстранат дефектите на внатрешната грејна инсталација во најкус можен рок, да овозможат непречен пристап на екипите на компанијата до топлинската станица, да обезбедат постојано напојување на топлинската станица со електрична енергија (платени сметки за електрична енергија за топлинската станица и функционална електрична инсталација)“, се додава во соопштението.
Пред да пријават дефект или рекламација, важно за потрошувачите е да проверат дали нивниот објект се наоѓа на списокот на моментално затворени објекти кои во моментов немаат услови за испорака на топлинска енергија. Листата е достапна овде.
За други информации, пријави на дефекти или известувања за завршени интервенции, потрошувачите можат да се обратат до ЕСМ Снабдување – центарот за грижа на потрошувачи на телефонските броеви 02 3076 200 и 075 400 100, како и во службите на ЕСМ Енергетика на телефонските броеви 02 3104 816 и 02 3104 872.
