Во просториите на Општина Берово денеска се одржа официјалното примопредавање на градоначалничката функција помеѓу досегашниот градоначалник Звонко Пекевски и новоизбраниот градоначалник Петар Ружински.
Пекевски и Ружински го истакнаа значењето на континуитетот, одговорноста и посветеноста во служба на граѓаните. Со потпишување на записниците за примопредавање, Ружински официјално ја презеде одговорноста за раководење со општината.
Пекевски му посака успешна работа на својот наследник и изрази благодарност за соработката со граѓаните и општинската администрација во изминатиот период.
Новиот градоначалник Петар Ружински, во своето обраќање, им се заблагодари на сограѓаните за довербата и нагласи дека со посветеност и транспарентност ќе ја води Општина Берово во наредните четири години.
-Овој чин не е само промена на функцијата, туку продолжување на визијата за подобра и посовремена иднина за сите жители на нашата општина, рече Ружински.
По примопредавањето, новиот градоначалник оствари кратка средба со вработените во општината, при што изрази благодарност за нивната досегашна работа и очекување за успешна соработка во периодот што следи.
