Светскиот ден на детето, 20 ноември, во Штип ќе се одбележи со промоција на книгите за деца од истакнатиот македонски автор Иван Антоновски – „Градина полна латици“ и „Бакнежи на небото“, и двете изданија на „Светулка“.
Во организација на Центарот за култура „Ацо Шопов“, промоцијата ќе се одржи во Спомен собата на Ацо Шопов, со почеток во 12 часот.
Промоторка на книгите ќе биде Ана Јовковска, а штипската читателска публика ќе има можност и да поразговара со Антоновски, којшто е и добитник на наградата „Ванчо Николески“ на Друштвото на писателите на Македонија, за најдобра книга за деца и млади во 2024 година, како и со илустраторката на книгите, Иванка НиБа.
„Градина полна латици“ е по многу нешта храбра и уникатна книга што привлече вонсериски интерес на јавноста – книга за сите генерации.
– Иван Антоновски создал бисер на книжевноста за деца: и за оние деца со малку години, и за оние деца со многу години, и за оние деца пред пензија. Го поставил единственото важно прашање за книжевноста: прашањето за одминувањето на единката и траењето на родот. Направил фантастична парабола со универзални пораки: нему му успеало истото она што и на Егзипери во „Малиот принц“, оценува Венко Андоновски.
Според него, да се објасни на дете дека свенувањето на цвеќињата е доброволна одлука на „старите“ цвеќиња за да им отстапат место на младите и на оние уште неродените е навистина благородна, човекољубива и утешна филозофија.
– Параболата за „исчезнувањето“ на едни и доаѓањето на други цвеќиња, приказната за сменувањето на генерациите е дадена толку дискретно, што во еден миг помислуваме: навистина, колку семки чекаат да изртат, а не можат, само затоа што посакуваната вечност на претходните не им дозволува раѓање на оние кои доаѓаат? Антоновски се зафатил со најсуровото прашање – ако сите сакаме да бидеме бесмртни, зар вечноста (и да е можна) не е сама по себе проклетство, зашто на „вечните цвеќиња“ им станува здодевно, и тие веќе не се радуваат на ништо, зашто виделе сè. На оние кои секоја пролет доаѓаат како новородени, напротив, сè им е ново, и тие ја чувствуваат радоста на љубопитството и сознавањето, истакнува Андоновски.
Како што нагласува Билјана С. Црвенковска, „Градина полна латици“ е една од оние храбри книги кои внесуваат свеж ветар во македонската книжевност за деца, избирајќи да се обраќа на еден порафиниран читател (односно читателски пар родител – дете) кој трага по повеќе, пред сѐ – по одговорите на оние непресушни, вечни прашања.
